Израелските одбранбени сили (ИДФ) во текот на ноќта и утрово извршија напади во Појасот Газа и во Бејрут во Либан. На годишнината од 7 октомври борбите тлеат на Блискиот Исток. На денешниот ден минатата година милитантната група Хамас го нападна Израел убивајќи 1.200 луѓе и киднапирајќи повеќе од 250.
Утрово се појавија извештаи за нови израелски напади во Газа. ИДФ соопштија дека гаѓале членови на Хамас кои оперирале во болницата Ал Акса во Деир ал Балах во централниот дел на Газа. ИДФ вели дека овие командни и контролни центри биле користени од Хамас за планирање напади против трупите на ИДФ во Израел.
Пред кратко време, четири проектили беа истрелани кон Израел од јужниот дел на Појасот. Тие доаѓаат во време кога Израел ја започнува комеморацијта за жртвите од нападите, јавува Би-Би-Си.
Во текот на ноќта израелските сили го нападнаа и главниот град на Либан. Израелската војска соопшти дека погодила складишта за оружје на Хезболах, предизвикувајќи секундарни експлозии.
И утринава, либанската државна Национална новинска агенција известува за голем број воздушни напади во делови од земјата.
Се наведува дека имало напад на периферијата на Ксарнаба, на истокот на Либан, како и рација взори меѓу јужните градови Зрарије и Браика.
Во меѓувреме, израелските власти истражуваат како пет ракети истрелани од јужен Либан вечерта во неделата успеале да навлезат во израелската противвоздушна одбрана и да експлодираат во пристанишниот град Хаифа, при што биле повредени неколку лица.
На годишнината од 7 октомври растат и стравувањата од можен конфликт меѓу Израел и Иран. Иран најави дека ќе ги врати откажаните цивилни летови на некои аеродроми поради предупредувањата на Израел дека ќе се одмазди за минатонеделниот ракетен напад од Техеран.
Претседателот на Израел, Јицак Херцог, на првата годишнина од невидениот смртоносен напад на палестинската група Хамас на израелска територија, денеска го повика светот „да го поддржи Израел во борбата против неговите непријатели“, пренесуваат француските медиуми.
Од почетокот на војната, според Министерството за здравство на Газа, досега загинаа речиси 42.000 Палестинци.
Израел во изминатата година бомбардирал повеќе од 40.000 цели во Појасот Газа, пронајде 4.700 тунели и уништи 1.000 локации за ракетирање.