Само во областа Јабланица, 16 лица загинаа во поплавите и одроните што ја погодија БиХ, додека две лица се удавија во Фојница, со што вкупниот број на загинати се искачи на 18, а се стравува дека оваа бројка може да биде значително поголема.
Урнати се голем број куќи, се урнаа патишта, мостови, па дури и железничка пруга. Се бара сместување за голем број луѓе кои останале без покрив над главата.
„Досега е утврдено дека загинале 16 лица“, соопшти Министерството за внатрешни работи на Херцеговско-неретванската жупанија, мислејќи на жртвите чии тела се пронајдени во Јабланица. Јабланица беше најтешко погодената општина во синоќешните поплави. Според пишувањата на медиумите, во населбата Доња Јабланица се бараат десетици луѓе, па се стравува дека црниот биланс од поплавите е многу поголем.
Поплавени се и подрачјата Кисељак, Крешево, Вареш.
Доња Јабланица денеска ја посети министерот за одбрана на Босна и Херцеговина, Зукан Хелез, кој на лице место се увери во размерите на катастрофата.
„Поради планираните летови со хеликоптер, можев да останам само 45 минути, бидејќи копнен пристап е дозволен само на единиците кои учествуваат во спасувачката операција“, рече тој.
Инженерските единици на вооружените сили на БиХ се приближиле од три правци, додека четири хеликоптери се подготвени да ги евакуираат повредените. Со помош на хеликоптер ќе го транспортираат агрегатот до репетитор за да воспостават сигнал од мобилниот телефон.
„Поројот дојде од планината до каменоломот, создаде акумулација на вода, ја проби бариерата и го збриша селото Злате. Бев во куќата каде еден млад човек спаси десет луѓе, но за жал почина. Страв и ужас, “ изјави Хелез.