Зајакнување на дигиталната подготвеност и капацитет во бизнисите и јавните организации ќе овозможи ДигитМак – Дигиталниот центар за иновации кој што беше промовиран денеска на симпозиум „Иднината на дигиталните иновации – симпозиум за соработка со академијата и индустријата“ на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство во Скопје.
Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски истакна дека овој дигитален иновациски хаб има потенцијал да ги зголеми соработката помеѓу бизнис секторот и академијата и во исто време да им ги даде потребните алатки, знаења и вештини на приватниот сектор за да се дигитализира и вклучи во големиот проект на Владата „Смарт Македонија“. Целиот овој комплекс на активности со дигитализација на приватниот сектор и во јавниот сектор со дигитализација на услугите, на инфраструктурата и на институциите е од исклучително значење за државата.
-Како Влада од првиот ден сме кажале дека сме отворени за соработка со приватниот сектор и високо-образовните и научни установи во државата. Продолжуваме да ги поддржуваме вистинските иновации, не лажните иновации, поддржуваме креативност, соработка и партнерство и се надеваме дека во оваа насока ќе функционира и дигиталниот иновациски хаб – рече Андоновски.
Тој информира дека една и пол година по потпишувањето на Договорот за нашето приклучување во Дигитална Европа со ребалансот на буџетот државата ја исплатила членарината со што оваа програма со вредност од 7,5 милијарди евра станува достапна за нашите компании, бизнисот, НВО, за Академијата и за државните институции кои можат да аплицираат за средства за дигитализација и иновации. Два проекти, посочи тој, веќе се во најава во МДТ, и уште еден исто така за дигитален хаб.
Тој се осврна и на можност за финансирање на дигитализацијата и од страна на државата.
-По последните податоци 85% од приватниот сектор веќе користи интернет, но не им се целосно дигитализирани процесите внатре, и мислам дека постои недостиг на финансирање затоа што Фондот за иновации во последните седум години наместо да финансира технолошки развој, дигитализација и иновации финансираше рецепти за пица. Значи отсуствуваше вистинската поддршка од државата. Но, ако имаме вистинска поддршка од државата ќе го најдеме вистинскиот модел за технолошки развој во наредниот период и особено со буџетот за 2025 година мислам дека ќе постојат средства за финансирање на дигитална трансформација на МСП. Но значајно е и знаењето, мислам дека не постои доволна свесност што е процесот на дигитализација и што значи за малите и средните компании. Задача на ваквите иновациски хабови, на високообразованите институции и наша задача како Министерство ќе биде да им помогнеме на бизнисите да дознаат кои се овие процеси, а потоа и да најдеме методи на финансирање – порача Андоновски.
Деканот на ФИНКИ Боро Јакимовски истакна дека ДикитМак како дигитален иновациски хаб во рамки на активностите предвидени во хабот се можности за проценка на потребите за дигитализација на малите и средните претпријатија во државата, понатаму пристап до финансии за да може тој процес да се олесни, како и пристап до лаборатории специјализирани во рамки на Универзитетот коишто овозможуваат тестирање на нивните идејни решенија. Дополнително преку Европската мрежа за претприемништво хабот ќе нуди можност за вмрежување на компаниите како во државата така и во цела Европа.
-Првото што ќе го добијат компаниите е проценка на нивното ниво на дигитализација и на нивните можности за дигитализација во рамките на користење на основното ниво на дигитализација, но и на напредните технологии од областа на DeeoTech сферата како вештачката интелигенција и слични области, по што ќе се направи план, стратегија и ќе им се помогне како да стигнат до средства за финансирање за да може да го поддржат тој процес на дигитализација. Исто така, ќе им се даде можност од наша страна за пристап до прототипирање на некакви решенија, со цел врз база на податоците или процесите што ги имаат веќе воспоставено, може да се изнајде некакво иновативно ново решение за поголема приходност и пооптимално производство – појасни Јакимовски.
Новиот дигитален центар за иновации ДигитМак ќе нуди можности за зајакнување на дигиталната подготвеност и капацитет во бизнисите и јавните организации. Тој е основан од конзорциум на четири партнерски институции, секоја од нив со соодветна експертиза во услугите за поддршка на дигиталната трансформација, вклучително и основната инфраструктура. Основачите се Универзитетот Св Кирил и Методиј Скопје, Стопанска комора на Република Северна Македонија, Бизнис акцелератор УКИМ, како и Фондацијата за менаџмент и индустриско истражување. Финансирањето на ваквите инцијативи се одвива главно преку проектите на ЕУ како Хоризонт Европа и Дигитална Европа.
Центарот во следниве години треба да придонесува кон подобрување на дигиталната трансформација, одржливост, раст, продуктивност и конкурентност на приватните и јавните субјекти во државава.