Ракетите кои денеска кон Тел Авив ги истрела милитантната група Хезболах од Либан завршиле блиску до седиштето на израелското разузнвање Мосад. Хезболах соопшти дека нападот бил одговор на започната копнена инвазија на јужен Либан.
Проектилот го пробил системот „Железна купола“, ги промашил целите и паднал во областа Тел Авив, при што биле повредени две лица, вклучително и возач на автобус кој бил погоден со шрапнел во главата.
Се работи за проектили „Фади-4“ кои биле истралени врз базата Глилот во близина на Херцлија.
Многумина се прашуваат зошто Хезболах сè уште не лансирала уште многу ракети со долг дострел, бидејќи Израел силно ја гаѓа Хезболах од воздух, а сега и од земја.
Нејасно е дали ова се должи на големите предизвици кои произлегуваат од недостатокот на лидерство по масовното убиство на врвните команданти и лидери на Хезболах или дали тоа е дел од стратегијата на групата постепено да ги зголемува своите напади со подлабокото преселување на израелските трупи во Либан, анализира Џотам Конфино за „Дејли Телеграф“.
Шефот на канцеларијата за медиуми на Хезболах, Мохамед Афиф, денеска изјави дека ниту една израелска војска не навлегла на либанска територија и предупреди дека нападите на групата врз Тел Авив неколку часа претходно се „само почеток“.
Во писмената изјава за Ројтерс, Афиф рече дека Хезболах не учествувал во „директни копнени судири“ со израелските војници, но дека ќе биде подготвен да го стори тоа.
Ракетите „Фади-4“ кои Хезболах ги истрела денеска припаѓаат на семејството на ракети земја-земја кои се моќни и имаат долг дострел, иако немаат прецизност во споредба со другите проектили во нивниот арсенал.
„Израелците се подготвуваат за уште многу напади во наредните денови бидејќи се верува дека Хезболах сè уште има на располагање илјадници ракети со долг дострел“, пишува „Дејли Телеграф“.
Израелските одбранбени сили (ИДФ) денеска ги предупредија либанските граѓани да не возат јужно од реката Литани во зоната од 850 квадратни километри каде се одвиваат борбите. Регионот, кој е поголем од Газа, брои 20.000 жители.
Претходно, Хезболах ја игнорираше резолуцијата на Обединетите нации која повикува на повлекување северно од реката Литани, што би создало тампон зона во јужен Либан.