Дваесети и осум годишен маж од Тетово нападнал 17-годишно момче со остар предмет бидејќи тоа одбило да има сексуален однос со него. Настанот се случил во работилница во Голема Речица.
Врз основа на сликите, малолетникот се здобил со тешки повреди во пределот на вратот и на десното уво. По пријавата во полиција, 28-годишникот е приведен и му е одредена мерка 30 дневен притвор.
„На 28 септември 2024 припадници на СВР Тетово го лишиле од слобода лицето Л. Ј. 28 годишен од Тетово кој претходно бил пријавен од еден малолетник дека во работилница во Тетово му нанел тешки телесни повреди со остар предмет. Врз основа на сомнежите станува збор за обид за убиство и истиот е лишен од слобода и по претходна постапка е испратен пред судија за овој предмет каде му е изречена мерка притвор од 30 дена“, информира МВР.
ТВ21 обезбеди разговор од социјалните мрежи каде осомничениот од малолетникот бара средби за сексуални односи, но малолетникот постојано го одбивал.
Од обвинителството во соопштение велат дека осомничениот по извршување на делото избегал со мотоцикл, кој подоцна е пронајден. Поради ризикот од повторување на делото побаран е притвор.