Министерот за здравство Арбен Таравари учествуваше на состанокот на високо ниво за антимикробна отпорност 2024 година што се одржа во рамките на Генералното собрание на Обединетите нации.
Во својот говор на 79-та сесија пред Генералното собрание, министерот Таравари ја истакна посветеноста на Македонија во борбата против глобалната закана од антимикробна отпорност како важен предизвик за јавното здравје и одржливоста на здравствениот систем по пандемијата Ковид-19.
Таравари ја потврди заложбата за почитување на Резолуцијата 71/3 на ОН и имплементацијата на патоказот на СЗО за периодот 2023-2030 година. Тој спомена неколку достигнувања на Македонија, меѓу кои и подигањето на свеста за употребата на антибиотици и зајакнувањето на лабораториските капацитети.
Таравари ја нагласи важноста на мултисекторскиот пристап наречен „Едно здравје“ кој го вклучува здравјето на луѓето, животните и животната средина.
Министерот Таравари во оваа прилика повика на глобална соработка за борба против антимикробната отпорност за заштита на здравјето на идните генерации.
– Додека се подготвуваме за 4-та министерска конференција за антимикробна отпорност во ноември 2024 година, ги повикуваме претставниците на сите земји-членки овде да се обединат во нашите напори. Заедно можеме да го заштитиме здравјето на сегашните и идните генерации – рече Таравари.