Демократската унија за интеграција (ДУИ) повика да се исполнат дадените ветувања за уставните измени за да продолжи процесот на евроинтеграција.
„Последните настани, вклучително и претстојното отворање на преговорите на ЕУ со Албанија, јасно покажуваат дека просторот за одлучни чекори брзо се затвора. Истекувањето на рокот за уставните измени е критичен момент. Повеќе нема простор за одложувања, изговори или манипулации кои би го одбегнувале неизбежното. Уставните измени не се само правна обврска, тие претставуваат морална и стратешка императивност која обезбедува нашата држава да остане на патот кон европската интеграција. ДУИ секогаш била гарант на овој процес, и нема да дозволиме политички блокади да ја попречат иднината на нашите граѓани.
Времето за колебање помина. Ги повикуваме сите политички актери, да постапат одговорно, зрело и решително во интерес на граѓаните и државата. Ова подразбира исполнување на обврските од преговарачката рамка и итно усвојување на уставните измени, што ќе го отвори патот за следните чекори во нашето членство во ЕУ“, се наведува во соопштението од ДУИ.
Оттаму ги повикуваат сите страни да ги стават интересите на Северна Македонија и нејзините граѓани на прво место и да дејствуваат во согласност со европските аспирации кои нè обединуваат сите.