Премиерот Христијан Мицкоски најави дека Владата на Република Северна Македонија презема конкретни чекори за заштита и промовирање на македонскиот јазик, особено во медиумскиот простор.
Одговарајќи на новинарско прашање за употребата на македонскиот јазик во странските и спортските телевизиски канали, Мицкоски истакна дека е формирана посебна владина комисија која ќе работи на унапредување на употребата на македонскиот, албанскиот и сите други јазици присутни во државата.
– Комисијата ќе се фокусира на тоа да обезбеди дека и странските телевизиски канали кои се достапни преку кабелските оператори во земјава, нудат содржини и на македонски јазик. Целта е да се создаде рамнотежа и да се почитува македонскиот јазик како официјален јазик на државата – изјави премиерот.
Мицкоски додаде дека верува дека промовирањето на повеќејазичноста е од големо значење, но истовремено е важно да се заштити и мајчиниот јазик на граѓаните.