Што се случува на нашите факултети, посебно на сè уште престижниот Универзитет „Светите Кирил и Методиј“ (УКИМ) и особено на до скоро најпопуларните факултети?
Кон крајот на минатата недела (17 и 18 септември), кандидатите за бруцоши аплицираа во вториот уписен рок за првиот циклус студии за учебната 2024/2025 година. Слободни места има речиси на сите факултети, дури и за оние за кои некогаш се водеше беспоштедна битка за индекс.
На Архитектонскиот факултет беа пополнети сите слободни места уште во првиот уписен рок, но на Градежен факултет останаа слободни вкупно 233 места. На Факултетот за електротехника и информациски технологии за редовни студенти во државна квота се слободни 194 места, додека за приватна квота се слободни 99 места. На Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство, пак, за редовни студенти кои се финансираат од Буџетот на РСМ слободни се 59 места, од кои најмногу – 41 на насоката компјутерско инженерство. За редовни студенти со школарина слободни се дури 254 места на ФИНКИ.
Машинскиот факултет во вториот уписен рок има 452 слободни места, Технолошко-металуршкиот факултет – 238, а Природно-математички факултет – 742 (плус 100 за вонредни студенти). На Економскиот факултет има слободни 89 места за студенти со школарина и 49 за вонредни студенти, на Правниот факултет „Јустинијан Први“ 100 места за редовни студенти без школарина, 323 со школарина и 49 за вонредни студенти.
На Медицинскиот факултет има 9 слободни места за студирање на сметка на Буџетот, 106 места за студенти со школарина и 92 за вонредни студенти. И на Фармацевтскиот факултет има 71 слободно место, додека на Стоматолошкиот факултет само 13.
Сè помалку основци, средношколци, бруцоши…
Бројките се изненадување само за оние кои не ги следат влошените трендови во високото образование, кои можат да се опишат во една едноставна реченица – од година вгодина опаѓа и интересот за студирање, но и бројот на дипломираните студенти. Оваа учебна година (2024/2025), УКИМ, на пример, објави 9.921 слободно место, од кои 4.761 за редовни студенти кои се финансираат од Буџетот, 4.210 за редовни со школарина и 950 за вонредни студенти. Претходната учебна година УКИМ објави 10.473 слободни места за бруцоши.
Од година вгодина опаѓа и бројот на запишани студенти – од 7.070 во учебната 2014/2015 година, преку „рекордните“ 7.215 студенти следната учебна година, до тажната бројка од 4.738 запишани студенти во минатата учебна година (2023/2024). Соодветно на тоа, опаѓа и бројот на дипломираните студенти. Графичкиот преглед на дипломираните студенти на додипломски студии на македонските универзитети од 2009 до 2023 година јасно покажува каков е трендот:
Така, ако во 2009 година дипломирале 10.232 студенти, а во рекордната 2012 година 10.392, во последните четири години зборуваме за бројки од 6.907 (2020 година), до 7.753 (2021 година) и 7.442 во 2023 година. Не е тајна и причината за намалување на интересот за студирање – се намалува и бројот на учениците во основните училишта, а многу подраматично е намалувањето на бројот на средношколците. Податоците на Државниот завод на статистика на РСМ за последните петнаесеттина години тоа недвосмислено го потврдуваат:
Умре тоа „учи и студирај, за да не работиш“
Не е проблемот само тоа што генерално опаѓа интересот за школување во сите образовни сегменти, поради општата депопулација со која се соочува Македонија. Патем, кога зборуваме за депопулацијата, треба да се потенцира фактот дека во изминатите две децении бројот на луѓе помлади од 29 години во Македонија се намалил за 270.000.
Една едноставна вкрстена анализа на статистичките показатели посочува на уште еден сериозен проблем. Така, на пример, ако во учебната 2023/2024 година вратите на редовните основни училишта ги пречекориле 182.124 ученици, истата година во средните училишта се запишале само 67.278 ученици, а на факултетите во 2023 година дипломирале разочарувачки 7.442 студенти. Тоа значи дека од 20 и повеќе запишани основци, само еден може да се надева на факултетска диплома.
Што се случува во текот на долгите години учење и студирање? Да, природно е дел од младите луѓе да останат на некоја од попатните станици и не мора сите да студираат. Но, освен што некои од младите луѓе заминуваат со своите родители во странство и ги напуштаат училишните клупи дури и среде учебна година, се чини дека оваа генерација ученици и студенти го плаќа данокот на заблудата на која почиваше политиката „учи и студирај, за да не работиш“.
Антони Пешев, актуелен извршен директор на Стопанската комора на Северна Македонија, еден од сопствениците на ИТ-компанијата „Ултра – Унет“, се сеќава на периодот пред 15 години, кога Комората и амбасадата на Швајцарија го почнаа проектот за дуално образование во средните училишта.
– Покрај фактот што едукативните програми беа стари и неадекватни, а средните стручни училишта беа во очајна состојба, со слаба опрема за стручно образование и без доволен број професори во улога на ментори, се соочивме и со огромното предубедување на семејствата дека ако детето се образува во средно стручно училиште, тоа ќе биде помалку вредно и ќе има помали шанси за вработување и за добро работно место. Да, сега состојбата е променета за 180 степени, децата знаат дека совладуваат знаења и вештини потребни за практична работа и што е најважно, можат да се вработат и добро да заработуваат веднаш по завршувањето на средното образование – вели Пешев.
Дуалното образование е решение, но проблеми има
Иако старите предрасуди на луѓето полека се менуваат (оваа година за првпат во средните училишта 12.000 од 17.000 запишани ученици одбрале средна стручна подготовка), не е сѐ така сјајно ни во системот на дуалното образование. Бројките се бројки и тие се неспорни: 62 училишта со дуално образование, нови 4.000 ученици, висок процент (70%) на средношколците кои остануваат во Македонија. Но, дел од проблемите засега се чинат нерешливи.
Познатиот стопанственик Кочо Анѓушев, сопственик на познатите компании „Брако“ и „Фероинвест“, професор на Машинскиот факултет во Скопје, сведочи дека дуалното средно образование не го дава целосно очекуваниот резултат. „Брако“ е компанија пионер во овој своевиден експеримент во образованието. Од многуте средношколци што поминале пракса во погоните на велешкиот гигант, дел остануваат, поамбициозните се решаваат да ја пробаат среќата во странство, а останатите бараат „полесна работа“.
– Незадоволни сме поради тоа што по завршување на образованието, мал е бројот на ученици кои остануваат да работат во фабриката, пред сè, затоа што голем дел од нив бараат полесна работа или се решаваат да одат во странство. Свое влијание имаат и фирмите во технолошко-индустриските развојни зони, кои им се нелојална конкуренција на македонските фирми, затоа што не плаќаат придонеси и поради тоа може да понудат повисоки бруто плати – вели Анѓушев.
Освен тоа, дуалното образование засега нема одговор за тоа како да се спојат индустријата и факултетите. Претседателот на Стопанската комора Бранко Азески и министерката за образование Весна Јаневска неодамна ја промовираа идејата за дуално образование и на факултетите, но Јаневска призна дека државата не може да ги натера универзитетите да влезат во еден таков проект.
– Високообразовните установи се автономни. Министерството може да им сугерира, но и не и да им наложи на универзитетите да воведат концепт на дуално образование, иако анализирајќи ги ефектите на дуалното образование во средните училишта, кои се исклучително позитивни, не гледаме причина зошто овој концепт да не биде воведен и во високото образование – вели таа.
Доколку промената на програмите е „равенка со две непознати“ за факултетите, Пешев вели дека Комората има решение, кое „паметните факултети“ лесно ќе го имплементираат.
– Преку неколку паралелни потпрограми, курикулумите на факултетите лесно можат да се прилагодат на барањата на индустријата – аргументира тој.
Егзодусот во странство е „вирус“ за кој засега нема лек
Во концептот на приближување на високото образование до барањата на индустријата постои уште еден „вирус“, за кој и образовните власти и бизнис секторот засега немаат решение – за голем број наши луѓе универзитетите се погони за бесплатно образование, со кое тие среќата во своите нови професии и во животот ќе ја побараат надвор од земјата. Сите наши соговорници, кои имаат контакт со младите луѓе било како професори било како менаџери кои бараат квалитетен кадар, велат дека ниските плати во Македонија не се клучната причина поради која младите бегаат во странство.
Видете ја Шангајската листа и други ранг листи, па ќе видите каде сме ние. На еден млад човек, кој сака да го зграпчи светот, ние не му нудиме речиси ништо.
Илустративен пример за тоа се медицинарите, како оние со факултетска диплома, така и средниот медицински кадар. Марјан Стојовски долги години е водечки хирург на Клиниката за акушерство и гинекологија (ГАК), истовремено и професор на Медицинскиот факултет. Тој вели:
– Не е проблемот до платите. Да, тие треба да се зголемат, но и со дупли плати, не се решава проблемот, бидејќи тој е системски. Во време на дигитализација и огромни можности за добивање информации, младите се незадоволни од образовниот систем. Резултатот е очигледен. Видете ја Шангајската листа и други ранг листи, па ќе видите каде сме ние. Некаде нè има на последните места, некаде воопшто не нè има. На еден млад човек, кој сака да го зграпчи светот, ние не му нудиме речиси ништо. Осум од десет студенти на Медицинскиот факултет уште додека студираат се подготвуваат да ја напуштат Македонија. Тоа говори нешто – вели тој и додава дека проблемот во медицинската струка почнува со недостигот на средномедицински кадар, кој од година вгодина е сè полош.
Во случајот со медицинскиот кадар, нашите факултети се компатибилни со Болоњскиот систем, па дипломираните медицинари знаат и веднаш да одат на специјализација во странство, додава Константин Митев, вонреден професор на Медицинскиот факултет при Универзитетот Гоце Делчев во Штип, специјалист по општа хирургија и субспецијалист по трауматологија на Клиниката „Жан Митрев“.
Приватното здравство не може да го реши проблемот на одливот на кадри од факултетите и од јавното здравство во Македонија, но приватниот сектор може да биде доволно моќен да задржува кадри. Д-р Митев смета декам македонскиот здравствен систем може да им понуди на младите луѓе доволна сигурност, за да останат во својата земја.
– Со дигитализација на Здравствениот фонд, секој пациент и секој лекар треба да имаат увид во здравствената историја и секој ќе може сам да одлучи дали ќе се лечи во јавното или во приватното здравство. Реално, граѓаните треба да се тие кои ќе избираат каде ќе се лекуваат, а Фондот да ги префрла нивните пари во избраната институција. Секаде во светот изборот е во рацете на пациентот, тој одлучува каде ќе ги алоцира своите пари со цел да добие најквалитетна здравствена услуга. Аналогно на ова, лекарите, кои се дефицитарна струка, исто така треба да имаат избор и можност да прегледуваат во која било здравствена установа во државата, доколку има интерес за нив – објаснува д-р Митев.
Анѓушев има идеја – не мора сите факултети да бидат „академски“
Која е смислата Македонија да плаќа средношколски и високообразовни институции (објекти, опрема, одржување, плати за вработените итн.), кои обучуваат кадар кој уште додека учи и студира се подготвува за арбајтен во странство? Не многу голема, согласни се сите. И јасно е дека за овој предизвик, засега, образовните власти немаат ефикасен одговор.
Интересна идеја има Анѓушев, барем што се однесува до техничките струки во високото образование. Тој го предлага системот „Hochschulе“, кој се применува во земји во кои германскиот е доминантен јазик – Германија, Австрија, па и Швајцарија.
– Погледнете го мојот личен пример. Јас докторирав во Ахен, во Германија, на универзитетот RWTH Aachen, кој е пример за „академски“ факултет, Но, постои и Fahof Schule Aachen, факултет кој е насочен повеќе кон индустријата. На тој факултет нема многу теорија, не е академски ориентиран, повеќе внимание им се посветува на практичните аспекти на машинството и се подготвуваат инженери кои ќе работат во индустријата. Токму тоа ни е потребно и во Македонија – тврди тој.
Анѓушев, од позиција на професор, би предложил од една генерација, која брои 200 студенти, на пример, да се издвојат околу 50 студенти кои ќе посетуваат академски студии, а 150 студенти да бидат едуцирани со попрактични методи.
– Притоа, треба да се охрабрат компаниите да ги стипендираат овие студенти, самите студенти да преземат обврска по завршување на образованието еден одреден период да работат во фирмите кои ги стипендирале и на тој начин да добиеме и посилна соработка помеѓу универзитетите и компаниите – додава Анѓушев и објаснува дека во металопреработувачката индустрија, на секој дипломиран студент му се неопходни барем шест месеци обука за да се вклучи во работниот процес.
Владата подготвува нова стратегија, која ќе нè спасува до 2026 година
Ќе се обидеме да го запреме негативниот тренд, со добри политики, со создавање на повеќе можности за квалитетно образование и вработување, но и со градење позитивна општествена клима.
Има ли новата влада решение за наталожените проблеми кои доведуваат до осека и на интересот за образование и на квалитетот на високообразовните институции?
Министерката за образование и наука, Весна Јаневска, веќе најави пет нови нацрт-закони во својот ресор, од кои еден, кој ќе биде готов в година, ќе се однесува токму на високото образование, Јаневска за Плусинфо открива дека новата влада подготвува нова државна стратегија за образованието.
– Ќе се обидеме да го запреме негативниот тренд, со добри политики, со создавање повеќе можности за квалитетно образование и вработување, но и со градење позитивна општествена клима. Ние во Министерството за образование и наука, можеме да говориме за креирање образовните политики. Се планира нова Стратегија за образование, со важност од 2026 година, со која ќе го подобриме квалитетот на националниот образовен систем, како еден од условите за задржување на младите во државата. Планираме повеќе средства за ученички и студентски стандард, но и поголема вклученост на младите во носењето на одлуките коишто ги засегаат – вели министерката.
Како и да е, за вистинско решение на проблемите во оваа област е потребен радикален пресврт во она што се нарекува „мајндсет“, радикално нови концепти на поврзување на образованието со индустријата, следење на најновите глобални трендови, од кои веројатно најзначаен е оној што зборува дека образованието не е нешто што почнува еднаш и завршува за четири, шест или десет години, туку е концепт на постојана едукација и реедукација низ работа.
Во странство за никого не тече „мед и млеко“
Големи се заблудите околу висината на платите и за тоа колку тие се клучниот фактор поради кој младите ја напуштаат земјата. Го прашаме Анѓушев колкави се платите во „Брако“.
– Во „Фероинвест“ и во „Брако“, платите се западноевропски. Почетничката нето-плата за инженер е 700 евра, по две години искуство достигнува 1.000 евра, а највисоките нето плати се околу 3.500 евра.
Од вкупно 130 инженери кои се вработени во компаниите под капата на „Фероинвест“ и „Брако“, во последните три години, во странство заминале само 4-5 инженери. Која е тајната?
– Сите инженери имаат можност да бидат креативни и да реализираат и свои проекти, да направат сопствени дизајни, а не да следат насоки од странство кои се сведуваат на наредби за тоа што треба да се изврши.
Меѓу младите во Македонија постои едно убедување дека таму некаде, преку границите, тече „мед и млеко“. Дали е тоа така?
– Од лично искуство и од разговори со луѓе кои си заминале, тврдам, апсолутно не е така. Многумина се охрабриле да заминат и кога стасале во странство, се разочарале од тоа со кое се сретнале. Оние на кои им било тешко да работат одреден процес во Македонија, да останат малку подолго, да бидат попосветени и поодговорни, попродуктивни, таму каде што одат тоа мора да го испорачаат веднаш. А се соочуваат со полоши услови за живот.
Кој нема да фати врска со новата револуција, ќе стане неконкурентен
Спојувањето на факултетите и на индустријата е работа која допрва следува во Македонија. Но, бизнис заедницата веќе добро реагира, тврди Антони Пешев од Стопанската комора
– Ова не е трка на кратки патеки. Сега засега, искажана е добра волја. Компаниите тоа го сакаат. Без исклучок. Мислам дека во тој правец треба да оди државата. Секако, да потсетиме дека голем дел од најдобрите истражувачки лаборатории во светот, кои се во универзитетите, паралелно работат за фирмите. На пример, во Хрватска една таква иницијатива го направи Мате Римац она што е сега. Од индивидуална љубов, со добра идеја и голема посветеност „Римац aвтомобили“ прерасна во светски бренд за производство на врвни е-возила.
Дава ли плод некаде во Европа овој концепт што го заговара Стопанската комора?
– Непријателите на иницијативата ќе кажат, „вие ги спремате деца за заминување во странство“. Но, не е така. Би сакал да потсетам дека состојбата во светот се менува многу бргу. Лани, на пример, повеќе од 30.000 Полјаци се вратиле во Полска од разни дестинации, токму преку вакви и слични програми. Ако на Европа не ѝ цветаат рози, кај нас ситуацијата може да е и поповолна, веројатноста таму младите да се вратат дома е поголема. Освен тоа, во Македонија уште ги делиме куќите, во странство младите треба да рентаат станови и да имаат дополнителни трошоци. Животот тука е далеку поедноставен.
Што треба да направиме во Македонија за да го смениме романтичниот сон за „странство“ како решение за сите наши проблеми?
– Ако сакаме иднина, мора да престанеме да живееме со анти-мотото: „Не можеш да ме платиш толку малку, колку што јас можам да не работам“. За среќа, ако се направи пресек низ разните професии, постои еден сектор каде работите се многу, многу поинакви од овие „традиционални симптоми“, а тоа е секако информатичкиот сектор, секторот на иднината. Информатиката беше сламка за спас и преквалификација за многу млади луѓе и останува можност поради брзите курсеви и можноста да се учи директно од праксата во фирмите.
Во изминатите години, вели тој, повеќе од 3.000 компании направија одличен аутсорсинг за странски ИТ-компании. Но, дали вештачката интелигенција ќе го загрози овој сектор?
– Тоа е изгледа нашата иднина која не можеме да ја избегнеме. Секое работно место ќе претрпи измена поради вештачката интелигенција и ако не знаеме да ја користиме како алатка, ние ќе бидеме неконкурентни и исфрлени од играта. Факт е дека годинава во нашиот ИТ сектор се чувствува стагнација, но тешко е да се предвиди големината на падот. Тоа што е сигурно е дека наша задача е да го фатиме предизвикот на новата револуција и, по којзнае кој пат, да направиме напор да се реедуцираме и да станеме дел од промените.
Со овој текст, Плусинфо се приклучува на иницијативата за зголемена транспарентност на институциите што Институтот за комуникациски студии ја спроведува во соработка со медиумите во рамките на проектот „Користи факти“, кој е поддржан од Британската амбасада.