Во последните два месеца, бројот на заостанати предмети во подрачните одделенија на Агенцијата за катастар на недвижности е намален за 85%. Како што се наведува во соопштението од Агенцијата, по назначувањето на новото раководство и по интерната реорганизација, бројката од 5.600 нерешени предмети е сведена на само 980 предмети, од кои 300 се тековни и 680 се заостанати предмети.
– Соодветната организација во работењето, грижата за вработените, инвестирањето во човечки ресурси и материјални средства, го дава посакуваниот ефект. Кога дојдов во агенцијата, затекнав повеќе од 5000 нерешени предмети, таа бројка денес е намалена за повеќе од 80%, а без застој се решаваат и тековните предмети – вели директорот Иван Живковски.
Тој додава дека целта е агенцијата да биде вистински сервис на граѓаните, каде тие ќе добијат квалитетна услуга по нормални цени. Во таа насока покрај решавањето на заостанатите предмети, во тек е и процесот на дигитализација на услугите, кој се одвива според планираната динамика.
Исто така, наскоро ќе биде спроведено и намалувањето на цените на услугите, што беше најавено минатиот месец.
До крајот на годината, Агенцијата ќе презентира уште неколку важни проекти кои ќе овозможат полесен пристап на граѓаните и компаниите до услугите на катастарот, стои во соопштението од Агенцијата за катастар.