Либанскиот хирург Елиас Џарадех и неговите колеги непрестајно оперирале 24 часа по координираните напади во Либан каде експлодираа пејџери и токи-воки. Џарадех ги раскажува ужасните сцени кои ги видел оперирајќи ги ранетите, а многумина го изгубиле видот на двете очи, пишува Би-Би-Си.
Меѓу загинатите има и борци од либнаската милитантна група Хезболах, која е поддржана од Иран и со месеци се пресметува со Израел на границата меѓу двете земји.
Елиас Џарадех ги опиша ранетите што ги лекувал како „главно цивили“. За бомбашките напади во кои загинаа 37 лица, меѓу кои и две деца – нашироко се обвинува Израел, кој не ја презеде одговорноста.
– И, да, многу е тешко. Морате да се оградите. Помалку или повеќе, вие сте роботизирани. Ова е начинот на кој треба да се однесувате, но одвнатре сте длабоко повредени. Ја гледате нацијата повредена – вели д-р Џарадех.
Специјалистот за очи, проф Елиас Варак, изјави за Би-Би-Си Арапски дека за една ноќ извадил повеќе оштетени очи отколку што имал претходно видено во целата своја кариера.
– Беше многу тешко. Повеќето од пациентите беа млади мажи во своите дваесетти години и во некои случаи морав да ги отстранам двете очи – вели специјалистот.
Министерот за здравство на Либан, Фирас Абијад изјави за Би-Би-Си дека „ова е нешто што за жал ќе бара многу рехабилитација“.
Околу 3.200 луѓе беа повредени, повеќето од нив во нападот во вторникот, во кој беа детонирани илјадници пејџери. Во нападот во средата, кој детонираше двонасочни радио уреди познати и како „токи-воки“, беа ранети околу 450 луѓе, но беше одговорен за 25 смртни случаи, двојно повеќе отколку во експлозиите во вторникот.