Израелската армија ја премести 98-та дивизија на север од Израел по владина одлука. Оваа група до неодамна се бореше во Појасот Газа.
Одлуката за преместување на дивизијата, само еден ден по експлозиите на комуникациските уреди во Либан и Сирија, кои му се припишуваат на Израел, и по заканите за одмазда од Хезболах, вклучува распоредување на големи сили на северната граница.
Шефот на северната команда на ИДФ, генерал-мајор Ури Гордин, рече дека ИДФ е „решена да ја промени безбедносната ситуација што е можно поскоро.
– Командантите и силите се целосно посветени и се на врвот на подготвеноста за секоја задача што ќе треба да ја извршат – рече Гордин.
Се верува дека 98-та дивизија има илјадници војници, вклучително и падобрански пешадиски единици и артилерија и елитни командоси, специјално обучени за операции зад непријателските линии. Нивното распоредување беше потврдено од официјален претставник.
Дивизијата одигра клучна улога во Газа, предводејќи ги армиските операции во јужниот град Кан Јунис, упориште на Хамас. Офанзивата им нанесе големи загуби на борците и тунелите на Хамас, но исто така предизвика и огромни штети и резултираше со бројни цивилни жртви. Израел вели дека Хамас ги загрозува цивилите криејќи се во станбени области.
Војската соопшти и дека оваа недела извршила серија вежби долж границата.
– Мисијата е јасна. Решени сме да ја промениме безбедносната реалност што е можно побргу – изјави генерал-мајор Ори Гордин кој ја предводи северната команда на Израел.
Покрај тоа, ИДФ одлучи за ограничено регрутирање резервен персонал што ќе биде распореден на север во случај на ескалација, вклучително и воздушна одбрана, команда на фронтот и персонал од медицинскиот кор.
Најмалку 20 луѓе загинаа, а повеќе од 450 се повредени во вториот бран експлозии на уреди за безжична комуникација во Либан. Еден ден претходно, најмалку 12 лица загинаа, а 2.750 беа ранети кога експлодираа илјадници пејџери што ги користеа членовите на Хезболах.