Цените нема да се замрзнат, туку ќе се ограничи бруто профитната маржа на стотина основни прехранбени производи до 10 отсто, соопшти денеска министерот за економија и труд Бесар Дурмиши.
Тој информираше дека за оваа мерка Владата најверојатно ќе дискутира на следната седница идната недела. Со мерката ќе бидат опфатени лебот, пекарски и млечни производи, овошје, зеленчук и др.
– Оваа мерка ќе биде краткорочна и во сила еден месец. Праксата на нејзиното донесување ќе продолжи за новогодишните и сите следни празници – рече министерот.
Законот за нефер трговски практики се очекува да стапи во сила кон крајот на овој месец и со тоа, рече министерот, дополнително треба да се намалат цените на производите.
– Имаше вчера предлог од страна на министерот за економија, кој е резултат на средбата што ја имаа надлежните со производителите и со трговците. Рековме дека работите ќе ги решаваме преку дијалог, беше постигнат договор и истиот ќе биде веќе на следната владина седница. Вчера не беше поради определени технички причини, но сакаме да ги помине и оние филтри како што се Генерален колегиум и Комисија за економски систем. Очекувам на следната владина седница во вторник да биде на дневен ред – рече Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања по денешната посета во општина Аеродром.
За Законот за нефер трговски практики што треба да стапи во сила од 28-ти овој месец рече дека доколку не добијат конечен став од бизнис-секторот, ќе се оди според предвидената динамика.