Пратениците утре ќе го разгледуваат предлогот за измени на Законот за локална самоуправа со кој треба да се избегне одржувањето на предвремени локални избори за градоначалници на општините Аеродром, Гостивар и Сарај, чии градоначалници по последните парламентарни избори во април годинава преминаа во извршната или во законодавната власт. Овој закон треба да се усвои со двотретинско мнозинство, а дополнително, потребно е и Бадентерово мнозинство. Предлог-измените беа доставени до Собранието пред неколку дена по скратена постапка, а предлагачи се координаторите на пратеничките групи на ВМРО-ДПМНЕ, „Вреди“ и на ЗНАМ, Никола Мицевски, Халил Снопче и Горан Карапејовски.
Пратеникот Мицевски вели дека очекуваат поддршка од сите пратенички групи, затоа што законот е рационален и ги намалува трошоците.
– Потребно е двотретинско мнозинство за да се изгласаат овие измени. Очекуваме поддршка од сите пратенички групи, затоа што решението е рационално, во насока на заштеда на средства. Предвремените локални избори би требало да се одржат на почетокот на следната година, а редовните локални избори се при крајот на следната година, па не е рационално во рок од само неколку месеци да имаме двапати локални избори во некои општини. Ова преодно решение ќе важи само за овие три општини и дополнително, доколку до редовните локални избори на уште некој градоначалник му престане мандатот по сила на закон, и со нив до изборите ќе раководи в.д. градоначалник. После следните локални избори на сила ќе биде старото решение, да се организираат предвремени избори ако до редовните има рок подолг од шест месеци, затоа што, пак, ќе нема логика ако некој градоначалник се повлече на почетокот на мандатот до крајот да раководи в.д. градоначалник за кој гласачите не гласале – вели Мицевски за „Плусинфо“.
Извесно е дека Бадинтеровото мнозинство ќе биде обезбедено, затоа што, како што објави ТВ 24, пратениците од ДУИ ќе гласаат за измените на Законот за локална самоуправа, со што ќе се обезбеди и потребното двотретинско мнозинство. Од најголемата опозициска партија од македонскиот блок СДСМ сè уште не се изјасниле дали ќе го поддржат ова законско решение.
Редовните локални избори се во октомври 2025 година. Доколку законските измени не ја добијат потребната поддршка во Собранието, тогаш според актуелното законско решение во општините Аеродром, Сарај и во Гостивар до крајот на годината треба да се одржат вонредни избори за градоначалници. Поранешниот градоначалник на Аеродром Тимчо Муцунски сега е на функцијата министер за надворешни работи и надворешна трговија, поранешниот градоначалник на Сарај Блерим Беџети беше избран за пратеник, а ексградоначалникот на Гостивар Арбен Таравари е министер за здравство. Фукцијата градоначалник е неспојлива со други јавни функции, иато како и функцијата пратеник.
Досега повеќе пати се организирани предвремени избори за градоначалник, најчесто во случаи кога првите луѓе во општините заминувале на друга функција. Предвремени локални избори имаше во 2010 година во Зајас, во 2011 година во Сарај, во 2019 година во Охрид, Ново Село и во Дебар, во 2020 година во Пласница и Штип и во 2022 година во Маврово Ростуше и Центар Жупа.