Директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов, попладнево преку видео изјава, соопшти дека е изгаснат пожарот на Галичица. Нови пожари избиле на планината Плачковица и во Општина Илинден, додека реактивиран бил пожарот на пробиштипска територија, кај селото Неокази.
Во текот на август, заклучно со вчерашниот ден, на територија на државава имало вкупно 667 пожари на отворен простор. Меѓу нив дури 98 шумски пожари што повеќето се прошириле и, како што истакна Ангелов, биле тешки за гаснење.
– Денеска заклучно со 13 часот, имаме вкупно 25 пожари на отворен простор и шумски пожари. Од нив, шест се целосно изгаснати, девет се ставени под контрола, додека 10 се сѐ уште активни. Првата добра вест, е, тоа што пожарот на Галичица е целосно изгаснат. Конечниот удар му го зададе дождот што заврна во оваа област. Пожарот што повеќе од 25 дена гори на територијата на ловиштето „Јасен“ и се движеше кон селото Белица, иако не е изгаснат, е со многу мал обем. Се надеваме дека во попладневните часови и таму ќе заврне дожд и целосно ќе биде изгаснат – дециден беше Ангелов.
Тој информираше дека тежок за гаснење е пожарот на територијата на Општина Долнени, што се движи во насока на село Зрзе и околината. Бидејќи во тамошен манастир се славел празник, Ангелов апелираше верниците да бидат исклучително внимателни, особено при палење свеќи.
Директорот на ЦУК рече дека постои вознемиреност кај населението во селото Цер, како и на останатите села во околината, бидејќи пожарот што се движи во таа насока, бил голем.
– Таму денеска дејствуваме со 30 професионални војници, седуммина припадници на локалната Противпожарна единица, осум лица вработени во „Национални шуми“ и најмалку триесетина доброволци – појасни Ангелов.
Големи пожари, како што посочи тој, има и во општините Пласница, Дебар, како и во Долнени кај село Ропотово, каде има два пожара.
– Нов пожар што изби предмалку е пожарот на планината Плачковица, некаде на меѓата помеѓу штипскиот дел и делот на општина Карбинци – рече Ангелов.
Итно бил упатен еден „ер трактор“ на Дирекцијата за заштита и спасување.
– Пожар предмалку изби и на територијата на Општина Илинден, околу Миладиновци или во близина на „Окта“ – додаде Ангелов.
Исто така, големиот пожар на планината Стогово, над дебарското село Гари, е целосно локализиран, потврди за МИА, Џетан Мифтароски, командир на дебарската Територијална противпожарна единица.
– Пожарот над селото Гари, на планината Стогово, вчера го ставивме под контрола, а денеска е целосно локализиран. Бидејќи врне дожд нема никаква опасност повторно да се разгори – рече Мифтароски.
Според него, опожарена е површина од над 75 хектари сува трева, ситно стеблеста, како и високо стеблеста шума.
Со пламените јазици четири дена се бореа дебарските пожарникари и вработените на дебарската подружница “Стогово” на ЈП „Национални шуми”.
Постоеше опасност пожарот да се прошири до селото Гари, а потоа и Осој, чии жители беа видно загрижени.