Тројца бугарски државјани се повредени во пресметка што се случила ноќеска во познатото грчко летувалиште Ханиоти на Халкидики.
Група бугарски државјани нападнале сопственик на кафеана во Ханиоти и сонародник, удирајќи ги со тупаници и клоци по лицето и телото. При пресметката одекнале пет-шест истрели, по што гостите почнале да бегаат од локалот каде имало со жива музика, пишуваат грчките медиуми. Волонтерот што прв стасал да помогне сведочи дека бил употребен и пепер спреј.
Како што пренесуваат грчките медиуми, еден маж е ранет од огнено оружје во градниот кош, друг со нож, а трет се здобил со повреди од тепање. Повредените со возило на Брза помош од Ханиоти биле пренесени во Здравствениот дом Касандриа и во болницата во Полигирос.
Медиумите шпекулираат дека во пресметката е вмешана бугарската мафија.
Дописничката на МИА од Атина јави дека пет лица се уапсени и се трага по уште едно лице, а повредени се тројца во пукање во кафуле на плажа во Ханиоти на Халкидики во кое, според грчките медиуми, учествувале бугарски државјани, а не е исклучена веројатноста да се работи за мафијашка пресметка.
Инцидентот се случил доцна синоќа кусо пред полноќ додека во барот се одржувала музичка вечер и присутни биле и семејства со деца, а причините за пукањето засега се непознати.
Според државната телевизија ЕРТ инцидентот бил помеѓу сопственикот на кафулето и неколку лица, кои почнале да пукаат со огнено оружје.
Се трага по лицето што пукало.