СДСМ и ДУИ да кажат во чии џебови оделе парите кои сега се прибираат во државната каса, порача на денешната прес-конференција пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски.
– Десетици милиони евра повеќе се собрани во државната каса од страна на УЈП, Царинската Управа и Јавното претпријатие за државни патишта во месец јули оваа година во споредба со истиот месец лани. Јавното претпријатие за државни патишта во јули наплатило 16 милиони денари повеќе од патарини оваа година во споредба со лани. Царинската управа наплатила 12 милијарди денари во месец јули, што е рекордна наплата на оваа институција било кога од нејзиното постење. Пикот во собирање приходи го има и УЈП, каде се наплатени 13.4 милијарди денари, што е исто тако рекорд. Комбинираниот приход на УЈП и Царинската управа е над 25.4 милијарди денари, што е над 415 милиони евра. Ја враќаме државата на народот, УЈП и Царина собраа десетици милиони евра повеќе, наместо во нечии џебови парите ќе одат за нови градинки, училишта и болници. Реализацијата на УЈП, Царина и ЈП за државни патишта покажа дека парите биле тука, само тие не завршувале во буџетот, туку во нечии џебови. Власта на СДСМ и ДУИ покрај на тендери и матни зделки ја краделе државата и преку не наплаќање на даноци и царини – рече Стојаноски.
Народот многу скоро од денес ќе ја почувствува разликата во собраните приходи, преку покачените пензии, новите училишта, градинки, болници, додаде пратеникот.
– Македонија може да оди напред, само кога нема политичари кои ја крадат. Политичарите од СДСМ и ДУИ кои ја ограбија државата ќе одговараат. А народот ќе живее во држава која ќе се грижи за него – порача Стојаноски.