Дузина граѓани во Атина имаат проблеми со дишењето, додека продолжува да беснее пожарот кој ширејќи се поради силниот ветер зафати североисточни делови од областа Атика. Чадот стигнал и до јужните предградија, вели репортерот Никос Папаниколау за Би-Би-Си.
Две противпожарни возила изгореа, а пожарникар се здоби со полесни изгореници во Неос Вуцас, бидејќи пожарот беснее надвор од контрола. Жителите на Атина велат дека Грција не може сама да се справи со пжарот.
Шпанија, Италија, Турција, Романија и Канада се очекува да понудат помош, а Франција исто така обезбеди комунален хеликоптер Супер Пума, а Чешка испрати 75 пожарникари и 25 возила.
Жител на Атина по име Мартин за Би-Би-Си вели:
– Тоа е вистинска трагедија. Секоја година станува сè потопло и добиваме сè повеќе и повеќе шумски пожари. Вистината е дека нема доволно пожарникари. Опремата што ја користат е од 1980-тите. Повеќето од пожарникарите се волонтери и иако владата вели дека ќе бидеме подготвени за следното лето, секогаш испаѓа дека не се подготвени.
Дописничката на МИА од Атина известува дека голем број куќи изгореа во различни населби, евакуирани се низа населени места и една болница, а противпожарните сили продолжуваат со битката со огнената стихија што зазеде огромни размери.
Портпаролот на противпожарната служба на Грција Василис Ватракојанис, попладнево информирајќи за пожарот рече дека „ситуацијата останува исклучително тешка“, дека континуирано има разгорувања и нови жаришта што „брзо се шират, потпомогнати од многу силните ветрови“.
Портпаролот објасни дека интервенираат 702 пожарникари со 27 пешадиски тима и 199 возила, како и голем број волонтери, а од воздух гаснењето е со 35 средства, односно 17 авиони и 18 хеликоптери, од кои три се за нивна координација.
Од бројот за итни случаи 112 досега беа испратени 30 пораки за евакуација на граѓаните што се во загрозените подрачја, а попладнево, превентивно беше евакуирана и општата болница.
Обемот на предизвиканата материјална штета е огромен и дополнително ќе се утврдува, огнените јазици проголтаа куќи, автомобили, изгоре и едно противпожарно возила, а полесно е повреден еден пожарникар.