Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши денеска оствари средба со Клер Харасти, директорка на Меѓународната организација на трудот (МОТ) за Централна и Источна Европа.
На средбата се разговараше за досегашниот ангажман на оваа организација во Северна Македонија, за улогата на Меѓународната организација на трудот при носење на социјалните политики, за поддршката при формирањето на Економско-социјалниот совет во 2010 година, како и за имплементацијата на низа политики на пазарот на труд.
Министерот Дурмиши истакна дека блиската соработка на Министерството за економија и труд со МОТ од сега па натаму ќе биде од големо значење за нас.
Како што потенцираше министерот, со реорганизацијата на министерствата, Министерството за економија и труд ги превзема надлежностите од секторот труд, што значи дека фокусот на ова министерство во иднина ќе биде подобрување на работничките права и креирање на политики за подобрување на пазарот на труд во земјата.
Информираше дека согласно тоа сега како Министер за економија и труд ќе преседава и со Економско социјалниот совет (ЕСС)
„Како Влада од особено значење е социјалниот дијалог, односно вклучување на сите засегнати страни при креирање на мерки, мора да ги имаме во предвид интересите и на работниците и на бизнис секторот.Со реорганизацијата на министерствата сега Министерството за економија и труд ја превзема и надлежноста да ја претставува Северна Македонија во МОТ.Тоа значи дека МОТ ќе биде нашиот најзначаен надворешен партнер во областа на трудот, вработувањето, безбедноста и здравјето при работа, минималната плата, меѓународните стандарди на трудот и исполнувањето на меѓународните обврски на Северна Македонија“ кажа министерот Дурмиши на средбата.
Двајцата соговорници се согласија дека клучни прооритети на соработката во иднина ќе бидат унапредување на социјалниот дијалог, креирање на повеќе и подобри работни места, и инклузивен пазар на труд.
Министерот се заблагодари на досегашната поддршка за активностите на МОТ во Северна Македонија за подобрување на правата и условите за живот на работниците во нашата земја и изрази надеж дека воспоставената успешна соработка во иднина дополнително ќе се продлабочи.
„Во Министерството за економија и труд и кај мене како Министер за економија и труд секогаш ќе имате отворена врата и партнер за заедничко креирање на мерки, посебно за вашата експертска и техничка поддршка во креирањето на законските решенија кои произлегуваат од секторот труд и социјалниот дијалог“ кажа министерот Дурмиши.