Висок функционер на Хамас најави одмазда по убиството на шефот на политичкото крило на палестинската воена група, Исмаил Ханија.
– Убиството на командантот Исмаил Ханија е кукавички чин и нема да остане без одговор – рече Муса Абу Марзук, висок функционер на Хамас, пренесува иранската државна новинска агенција.
Исмаил Ханија беше убиен во неговиот стан во Техеран. Иранската револуционерна гарда денеска соопшти дека е убиен и телохранителот на водачот на палестинската група.
Никој не ја презеде одговорноста, но Израел е осомничен дека стои зад убиството. Претходно Израел вети дека ќе ги убие лидерите на Хамас за нападот на групата на 7 октомври, според АП.
Иранските аналитичари го обвинија Израел за атентатот на лидерот на Хамас на државната телевизија. Техеран не објави детали за убиството, но Револуционерната гарда соопшти дека истрагата е во тек.