Синоќа изгоре платформата за набљудување на Смоларскиот водопад, а пожарот ја зафати и околната шума на планината Беласица, информираа од Територијалната против – пожарна единица на Струмица.
Пожарот избувнал околу 18 часот вчера, а потоа брзо се раширил и ја зафатил блиската шума на исток кон Беласица.
-ТППЕ Струмица веднаш испрати две против – пожарни возила и шест пожарникари на местото на пожарот. Успешно беше спречено неговото ширење кон околната шума и прераснување во поголем шумски пожар, стои во информацијата од струмичките пожарникари.
Mостот видиковец пред Смоларскиот водопад пред еден месец беше реконструиран преку Центарот за развој на Југоисточниот Плански Регион (ЦРЈИПР). Мештаните од Смоларе се сомневаат дека пожарот е подметнат од несовесни граѓани или посетители во текот на вчерашниот ден, или пак е резултат на невнимание.
„Некој ‘совесен’ сограѓанин ја запалил платформата на Смоларски водопад и предизвика пожар кој се прошири кон исток на Беласица. Сторителот мора да биде најстрого санкциониран, зашто ова е зло кон општеството во кое живееме. Од денеска се забранува пристап на Смоларски водопад поради безбедносни причини, сѐ додека не биде изградена нова платформа на водопадот“, објави на Фејсбук градоначалникот на Ново Село Ѓорѓе Божинов.
Смоларскиот водопад е лоциран над селото Смоларе, во Општина Ново Село и една од најголемите туристички атракции во овој регион. Висок е 39, 5 метри и е единствен постојан водопад во државата.