Едно лице загинало, а по четири се трага откако водата ја однела привремената брана поставена за време на реконструкција на Беломорско-балтичкиот канал во руската република Карелија, соопштија денес властите.
„Рано утринава пукна привремената песочна брана на Беломорско-балтичкиот канал. Во населбите кои се наоѓаат во близина уништени се 13 куќи. Едно лице загина, а девет се повредени. Седум лица, меѓу кои три деца, се спасени“, се наведува во соопштението.
Четири лица се исчезнати. На почетокот беше јавено за шест исчезнати, но две се во меѓувреме најдени. Итните служби на терен му пружаат помош на загрозеното население.
Во областа е воведена вонредна состојба.
На една од објавените снимки, една жена кажува: „Браната исчезна, едноставно ја снема.. домовите се однесени сосе луѓето во нив“.
Беломорско-балтичкиот канал го поврзува Бело Море во северозападна Русија со езерото Онега и има излез на Балтичко Море.
Привремената брана била поставена поради работи на реконструкција на каналот. Денешното пукање на браната е втор таков инцидент во Русија во последните неколку дена.
Обилните врнежи во петокот предизвикаа уривање на брана во регионот на Уралските планини во Челјабинск, каде најмалку едно лице загина во поплавата.