Земјава годишно извезува меѓу 66 и 68,5 милиони литри вино, од кои се остварува различен износ на девизен приход, главно поради цената која се постигнува при извозот. Лани е остварен девизен приход од 57,7 милиони евра.
Овој приход може да биде далеку повисок, ако извозната и малопродажната цена на нашето вино е повисока, но таа е несразмерно ниска во однос на останатите вина кои се нудат на странските пазари во иста категорија. Дополнително, малку се вложува во маркетингот, велат познавачите на состојбите и експерти.
Според нив, причина за ваквата состојба е тоа што главно извезува наливно вино кое има ниска цена, а помалку спакувано во шишиња, каде што цената е повисока, но не е во посакуван износ. Имено, во сегментот цена на продадено вино во шише влегуваат и количините на вино пакувани во ПЕТ амбалажа од 2 литри, кое има ниска цена. Последните 3 години ваквото пакување на вино има најголемо учество во извозот на вино во шишиња со околу 41,2%. Се проценува дека македонското вино има ниска до средно висока цена.
Извезуваме вино како репроматеријал
Просечната цена на наливното вино. според податоците од 2022 година, се движи околу 0,45 евра по литар, на виното bag-in-box 0,65 евра по литар, додека просечната цена по литар кај флаширано вино во стакло изнесува 1,05 евра по литар.
Најголеми извозни пазари за флаширано вино се земјите од регионот, а најголем пазар за пласман на наливното вино историски останува Германија, со скоро половина апсорбирана количина од наливното вино од земјава.
Ако се анализираат податоците од ланскиот извоз, највисока просечна извозна цена македонското вино постигнало во Данска од 5,77 евра, додека најниска цена е постигната во Австрија од 0,47 евра, иако во оваа земја извозот на вино е зголемен за 150%.
Традиционално најголем извоз на вино е реализиран во Србија, каде што се извезени околу 20 милиони литри вино и е остварен девизен прилив од 23 милиони евра. Просечната извозна цена во оваа земја е 1,43 евра. Следи Германија која е македонски најголем увозник на наливно вино со остварен приход од 7,5 милиони евра, или по цена од 0,57 евра за литар. Во првите 5 земји во кои е извезено најмногу вино се и Хрватска и Босна и Херцеговина и Полска.
Според статистичките податоци, производството на грозје и вино во последните години стагнира во однос на количините, додека пак се забележува зголемување на квалитетот на одредени типови вина, како и зголемен интерес за производство на вина со контролирано потекло, што е важно за подобрување на можноста за пласман на вината на надворешните пазари.
Не вложуваме во новите технологии и трендови
Познавачи на оваа индустрија велат дека ниската цена на вината е резултат на големата конкуренција на светскиот пазар во категориите на нашето вино, но и на фактот што најмногу продаваме наливно вино кое има ниска цена. Дополнително, велат тие, опаднат е и квалитетот на виното, бидејќи не се вложува во нови технологии и не се следат новите трендови.
– Македонските вина спакувани во шише во маркетите во странство имаат цена од 7 до 10 евра и спаѓаат во средновисоките цени кои се рангирани во рамките од 5 до 20 евра. Тоа значи дека просечната извозна цена на флашираното вино изнесува 3 евра, а на тоа се додаваат и давачките даноците и маржите во земјите каде што е извезено и се достигнува пазарната цена. Оваа цена е добра, со оглед на големата конкуренција од вина кои се во нашата категорија на квалитет. Нашите вина се поквалитетни од оние произведени во Србија и во Хрватска, во Бугарија во регионот, но сме далеку под квалитетот на вината на Словенија, на Нов Зеланд и на низа други земји кои се пробиваат на пазарот – вели Зоранчо Митровски, основач на винаријата „Езимит“, која целокупното производство го пласира во странство.
Според него, квалитетот на македонското вино опаѓа со текот на годините, поради тоа што винариите не сакаат да вложуваат во нови трендови на производство кои го зголемуваат квалитетот, но големо влијание имаат и одредени политики кои во земјава протежираат монополи и во винарството, со што го уништуваат не само винопроизводството, туку и лозарството, бидејќи се намалуваат површините под лозов насад, како резултат на незадоволството на лозарите од откупните цени на грозјето.
– Имаме мали винарии кои сакаат да го продадат само виното како наливно или во евтини пакувања, без притоа да вложуваат во себе, да ги следат трендовите на производство и да вложуваат во подобрување на квалитетот на виното за да добијат повисока цена. Малку од винарниците знаат како функционираа светскиот пазар и кои правила на игра владеат таму. Може да се каже дека имаме извоз само за до Јужна Србија. Затоа сега имаме вино со низок квалитет, па дури може да се рече достигаме висока цена со оглед на квалитетот што го нудиме. Истиот квалитет вино од Франција, Чиле и од Нов Зеланд имаат цена од 1,90 евра. Нас не претркаа во квалитетот и Јужна Африка и многу земји кои беа зад нас во изминатиот период. Но, ние сме самобендисани и сме умислиле дека нашите вина се со висок квалитет и не треба ништо да правиме – вели тој.
Се протежираат само големите винарии
Митровски вели дека главен проблем е тоа што државата дозволува монополистичко однесување на една винарија, која со своето однесување го нарушува винопроизводството и ги омаловажува и уништува лозарите во најлозарскиот регион Тиквеш, бидејќи секоја година ги става во неизвесност лозарите, а грозјето го откупува по несразмерно ниски цени во однос на цената на неговиот готов производ, што ги дестимулира лозарите да го продаваат грозјето за вино.
– Погледајте чии вина заземаат 92% од полиците во маркетите во земјава и ќе видите за кого станува збор. Останатите производители немаат шанса да го изложат виното во маркет за да биде видливо и да го купи никој да потоа да може да одлучи дали ќе продолжи да го купува. Таа можност ја немаат најголемиот дел од производителите на вино во земјава. За ова малку треба да подразмисли антимонополската комисија. Ако се направи и споредба на откупната цена на грозјето од 30 центи и цената на готов производ во маркетите од 10 евра ќе се види што всушност се прави. Затоа имаме и намалување на површините под лозови насади – вели тој.
Проблем на винарниците кои извезуваат во странство е и тоа што некои од нив нудат дампинг цени, со што ги рушат и цените на останатите извозници.
– Тоа се случува годинава со извозот во Словенија каде што еден производител го нуди виното во пластична амбалажа по неверојатно ниска цена, бидејќи сака да се ослободи од количините кои му останале непродадени во друга земја и сакал да ги ангажира работниците да работат нешто. Но, тоа се одразува негативно на целиот сектор и извозните цени и сразмерно на тоа и девизниот прилив на земјата од извозот на вино – вели Митровски.
Лозарите се потценуваат, па се чудиме зошто се намалуваат површините под лозје
Неправилниот однос на винариите кон лозарите придонесува секоја година да се намалуваат површините под лозови насади и многу ретко да се размислува за обнова на насадите. Повеќе од 88% од лозјата се над 15-годишна возраст, а повеќето од нив се над 25-годишна возраст. тИЕ треба да бидат цел на вложување на нивно обновување за да се одржи производствениот потенцијал.
Во Стратегијата за лозарство и винарство, која е донесена лани и е за до 2033 година, се наведува дека процентот на обновување на насади е околу 1% на годишно ниво, што е многу пониско од идеалниот тренд кој треба да се движи на околу 5% од вкупните површини во текот на една година.
Најголемиот дел од површините од лозов насад, односно 79%, се на индивидуалните производители на грозје, а 21% на деловните субјекти и винарниците. Тоа го прави проблемот на обнова на насадите потежок, бидејќи кредитите земени за тоа се со високи каматни стапки, а откупната цена на грозјето се одржува ниска.
Експерти велат дека е неправилна и откупната политика која се сведува на „бело“ и „црвено“ грозје, наместо категоризирање според сорта и квалитет на грозјето од соодветна сорта.
– Тоа би придонело за порастот на насадите од поквалитетните сорти грозје, подобар квалитет на виното и повисока цена – вели еден експерт што го консултираше Плсинфо.
Вкупните површини под винско грозје изнесуваат 20.307 хектари и се главно под сортите „вранец“ и „смедеревка“, со кои се засадени 13.002 хектари. Ваквата застапеност на сортите според експертите, е бидејќи овие сорти најмногу им одговараат на потребите на винарите, односно за производство на вино со послаб квалитет, кое се пласира како наливно и има пониска цена. На одделни површини застапени се многу од светски познатите сорти винова лоза, кои даваат одличен квалитет.
Просечната цена на годишно ниво за винското грозје е стабилна во последните 10 години. Просечната цена се разликува за различни сорти и започнува од 0,19 евра до 0,22 евра за „вранец“ и „смедеревка“ како сорти што покриваат поголем дел од лозовите насади. За останатите сорти цената достигнува и до 0,43 евра.
Како да се смени состојбата?
За подобрување на состојбите, вели Митровски, треба да се поправат многу работи од односот кон лозарите и нивниот труд преку олеснување на извозот, со укинување на одредени давачки за уверенија кои се непотребни. Потребна е демонополизација, немешање на политиката во пазарот. Неопходно е и вистинско регулирање на нелегалното производство и пласман на ракија.
– Винариите извознички сега за уверение кое не им користи за ништо плаќаат по 40 евра. Од тоа во државната каса се слева голема сума на пари, а државата им враќа многу мал износ. Тука може да се подобри состојбата. Не велам да не се плаќа акциза, но треба да ја плаќаат и лозарите кои грозјето наместо да го пласираат за вино го преработуваат во ракија, која ја продаваат илегално на зелените пазари, без да платат ништо. Ова прашање мора да се регулира со кривични казни и одземање на стоката, а не со казна од 2.000 евра, која тој што произведува 60.000 тони многу лесно ќе ја плати, а државата губи 60.000 евра – вели тој.
Во Стратегијата, пак, Министерството за земјоделство излез од состојбата гледа во подобра кредитна политика кон секторот, окрупнување на лозовите насади, поголема соработка на винариите, инвестирање во науката, подигање на нови лозови насади, подобар маркетинг, но и во развојот на винскиот туризам и во органско производство на грозје.
МАЛИТЕ ВИНАРИИ НАЈБРОЈНИ, НО СО МАЛ УДЕЛ ВО ВКУПНОТО ПРОИЗВОДСТВО
Од вкупно 255 винарски визби, кои се регистрирани до крајот на 2023 година, повеќе од 75% се мали семејни винарии со капацитет до 50.000 хектолитри.
Иако нумерички најбројни, нивниот удел во откупот на винско грозје се движи од 1.300.000 до 1.500.000 кг, што покажува дека нивната пондерирана вредност во откупот е многу мала и во следните 10 години не ќе можат значително да придонесат во зацврстувањето на производството на винско грозје.
Вкупните капацитети за производство на вино се 1,72 милиони хектолитри (согласно информациите од МЗШВ на почеток на 2023 година) и се два пати поголеми од вкупното производство на вино.
Меѓутоа, капацитетите за производство на вино во шишиња се само 650.000 хектолитри, што не ги задоволува потребите за производство на вино во шише.
Дополнително малите семејни винарии не можат да извезуваат, а државата се обидува да ги вклучи во туризмот.
Македонија е 22. најголем производител и 29. извозник на вино во светот, во регионот сме на второ место.