Најмалку 225 Ирачани претрпеа топлотен удар откако екстремен топлотен бран го погоди Иран, при што температурите достигнаа 45 степени Целзиусови во некои делови од земјата и 49,7 степени во градот Делган.
Топлотниот бран ги принуди иранските власти да го намалат работното време денеска и да наредат сите владини и комерцијални институции да затворат утре, недела, откако повеќе од 200 луѓе беа примени во болниците поради топлотен удар, објави Гардијан.
Иранската новинска агенција ИРНА објави дека банките, канцелариите и јавните институции ширум земјата ќе бидат затворени во недела за да се заштити здравјето на луѓето и да се заштеди електрична енергија. Ќе работат само медицинските и итните служби.
Во главниот град на Иран, Техеран е забележана температура од 42 степени, а во 10 ирански провинции температурата денеска надмина 45 степени, додека во градот Делган на југоистокот од земјата е забележана рекордна температура од 49,7 степени.
Метеоролозите за во понеделник најавија пад на температурата.
На глобално ниво, екстремните горештини предизвикуваат речиси 19.000 смртни случаи годишно, како и речиси 23 милиони повреди на работните места ширум светот.
Генералниот секретар на Обединетите нации (ОН) Антонио Гутереш ги повика сите земји да се ангажираат на светско ниво во борбата против климатските промени откако беше забележана рекордна глобална температура, што е прв повик на светска организација за глобална акција поради екстремните горештини, пренесува Ал Џазира Балканс.
– Светот мора да се соочи со предизвикот на порастот на температурите – рече Гутереш.
Генералниот секретар на ОН истакна дека се потребни мерки за заштита на работниците од екстремните горештини, врз основа на човековите права.
ОН ги повика владите не само да ја елиминираат употребата на фосилни горива, туку и да ја зајакнат заштитата на најранливите делови од населението, вклучително и повозрасните, бремените жени и децата, како и да ги зајакнат мерките за заштита на работниците.
Меѓународната организација на трудот (МОТ) објави дека во моментов повеќе од 70 отсто од работната сила, односно 2,4 милијарди луѓе се изложени на висок ризик од екстремни горештини.
– Во Африка речиси 93 отсто од работната сила е изложена на екстремни температури, а во арапските земји 84 отсто – според МОТ.
Во светот поради климатските промени топлотните бранови се сѐ почести и тие стануваат поинтензивни и подолготрајни.