Покачувале плати само на хартија, а не и со покритие, вели министерката за финансии

Lorita
By Lorita 4 Min Read
Disclosure: This website may contain affiliate links, which means I may earn a commission if you click on the link and make a purchase. I only recommend products or services that I personally use and believe will add value to my readers. Your support is appreciated!
- Advertisement -
Ad image

Вработените во јавниот сектор ќе ги добијат правата коишто ги предвидува Општиот колективен договор. Со ребалансот на Буџетот обезбедивме средства и ќе се спроведе сѐ што е предвидено со Колективниот договор, а ќе има и усогласување на платите предвидено со Закон. Ова го посочи министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска во гостување на ТВ Алфа, во кое најави дека ќе се работи на предизвикот со нееднаквоста на платите во различни институции.

– Усогласување на платите на вработените во јавниот сектор ќе има. Иако, прашањето е зошто за тоа не биле предвидени средства во Буџетот. Исто така ќе се спроведе и сѐ она што подразбира Општиот колективен договор. Но, она што отвора дилема е што се донел Закон за високо образование во Собранието со кој им се зголемуваат платите, а при тоа не се планирани средства во Буџетот. Се потпишува Колективен договор во Министерство за одбрана, исто така не се предвидени средства. Се потпишувале колективни договори и се зголемувале плати. Но, навистина има одредени институции коишто од аспект на платите се во многу лоша состојба, во однос на други институции каде има големи плати. Тука претставуваат предизвик и платите во здравството, образованието. Но тоа е прашање што ќе се решава во наредниот период. Во платите на вработените на исто ниво во различни институции не треба да има толкави разлики – рече министерката и додаде дека за да не се продолжи со таквата пракса и да се прави штета на одредени вработени дадена е насока да не се потпишуваат колективни договори без обезбедени средства за таа намена и дека таквата постапка ќе се спроведува преку Министерството за финансии.

Министерката оцени дека станува збор за буџет кој до крајот на годината обезбедува сервисирање на законските обврски и доспеаните обврски, со цел од следната година да може да се размислува за развоен буџет.

– Дали е развоен или не, може да зборуваат резултатите што ќе се остварат на крајот на годината. Резултатите на претходната Влада гледани преку БДП зборуваат дека не бил развоен и дека спроведувале катастрофални политики. Овој Буџет треба да ги сервисира законските обврски и доспеаните обврски, за да може следната година да размислуваме за развоен буџет – истакна министерката за финансии, додавајќи дека се обезбедени средства за плати, пензии, студентски оброк, стипендии, спортски ваучери, социјални надоместоци…

Осврнувајќи се на состојбата со јавниот долг рече дека тој е двојно зголемен од 2017 година, а растот на БДП е поразителен.

– Прво треба да погледнеме како стигнавме до тој процент од 68%. Не можам да дозволам да се коментира дека ќе имаме странско задолжување, затоа што тоа е планирано од претходната Влада. Да немавме избори ќе беше реализирано претходно. Она што се трудиме е да најдеме поевтина алтернатива за странското задолжување. Ако излеземе на пазарот со еврообрзница ќе плаќаме камата над 6%, а сега ќе плаќаме 3,25%. Она што е факт дека ние го зголемуваме долгот за 181 милион евра колку што е дефицитот. Планираме малку поголемо задолжување затоа што во јануари и во февруари ни достасуваат големи кредити. И легитимно е да сме загрижени затоа што не сакаме да дозволиме да ни падне кредитниот рејтинг – посочи Димитриеска- Кочоска.

Таа вели дека нивото на јавниот долг е согласно постојната Фискална стратегија и дека со носењето на новата можно е ревидирање на нивото што ќе зависи од тоа дали ќе се реализираат одредени проекти како што е железницата кон Бугарија.

Таа се осврна на состојбата во која е затекната буџетската каса, посочувајќи дека била во минус за 3,6 милијарди денари, а на девизната сметка салдото било само 47 милиони евра.

Share This Article