Потврдена е причината за смртта на Кристина Сандера (61), партнерка на Клинт Иствуд (94).
Кристина починала од срцев удар, потврди за „Њујорк пост“ претставник на здравствената канцеларија во округот Монтереј. Во потврдата, непосредна причина за смртта е наведена срцева аритмија или неправилно чукање на срцето. Атеросклеротичната кардиоваскуларна болест (болест предизвикана од таложење на масни наслаги (плак) во артериите) била наведена како дополнителна состојба што довела до нејзината смрт.
Инаку, веста за смртта на Кристина ја потврди Клинт Иствуд.
– Кристина беше прекрасна, грижлива жена и многу ќе ми недостига – напиша Иствуд во изјавата што ја пренесоа странските медиуми.
Двојката се запознала додека таа работела како хостеса во хотелот „Мишн ранч“ на Иствуд и почнале да се забавуваат во 2014 година.
Тие не сакаа да зборуваат за нивната врска во јавноста, но Кристина во неколку наврати беше придружничка на Клинт на јавни настани. Како двојка првпат се појавија на црвениот тепих на доделувањето на Оскарите во 2015 година.
Пред Кристина, Иствуд беше во брак двапати – со манекенката Меги Џонсон и ТВ презентерката Дина Риуз.