Едногласно, со 81 глас „за“ пратениците во Собранието го усвоија Предлогот на закон за изменување на Законот за здравствената заштита. Со овие измени се предвидува укинување на економските директори во 40 болници и јавно здравстевни установи. Собранието со 68 гласа „за“ и осум „против“ го донесе Предлог на закон за дополнување на Законот за катастар на недвижности.
Министерот за здравство Арбен Таравари истакна дека со поставувањето двајца директори во болниците се создал паралелизам и поголеми трошоци. Целта на законот, рече Таравари, е рационализација и поголема ефикасност. Подоцна во одговор на пратеникот Димитар Ковачевски од СДСМ, чија пратеничка група го поддржа законот, објасни дека ова е почеток на реформите што следуваат најавувајќи спојување на Клиничкиот центар во Скопје, но и дека секој град ќе има своја општа болница.
Министерот за здравство најави дека максимум за една година, ќе има нов Закон за здравствена заштита.
Екс премиерот Димитар Ковачевски рече дека укинувањето на економските директори било дел и од анализа која неговата Влада ја спровела за рационализација во здравството.
Драгана Бојковска од ВМРО-ДПМНЕ истакна дека за овие 40 економски директори годишно се одвојувале 960.000 евра и уште толку за оперативни трошоци. Со овие средства, како што кажа, ќе може да се реконструираат или изградат нови здравствени домови и друго.
Со дополнувањето на Законот за катастар на недвижности ќе се овозможи зградата на ЕЛЕМ да стане Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини.