Навремено поднесување на ДДВ пријавите во законскиот рок, но и точното пријавување без дополнителни исправки на пријавите и плаќањето на точен износ на данок во законскиот рок е заеднички предизвик и за Управата за јавни приходи и за самите сметководители односно компании.
Ова е речено на средбите на директорката на Управата за јавни приходи Елена Петрова со претставници на сметководителите од Институтот на сметководители и овластени сметководители на Македонија (ИСОС) и Комора на сметководители на Македонија (CAM).
Сметководителите очекуваат од УЈП да добиваат конзистентни пристапи, унифицирани практики, навремени услуги, соработка во регулацијата на овластувањата за поднесување даночни пријави и биланси и сл.
На средбата како што соопштија од УЈП се разговарало и за даночниот рејтинг на компаниите и нивното барање да се објавува „бела листа“ на даночни обврзници што било прифатено од страна на УЈП, а ќе се промовират и позитивните примери за одговорно даночно однесување.
Состаноците завршиле и со заклучоци за формализирање на соработката меѓу УЈП и овие здруженија на сметководителите во претстојниот период.
„На овој начин првенствено УЈП ќе стекне сигурност дека даночните обврзници добиваат кредибилни совети и услуги од сметководителите за точно исполнување на даночните обврски. Воедно, УЈП ќе има партнер при имплементирањето на одржливи дигитални услуги според практичните потреби и можности на директните корисници“, се наведува во соопштението.