Шестата жртва од денешниот напад во Домот за стари лица во Дарувар, во Славонија, им подлегна на повредите, соопшти полицијата.
Началникот на СВР Бјеловар-Билогора, Никола Милина, изјави дека во болница од здобиените повреди починало и шесто лице, откако пензионираниот воен полицаец Крешимир Пахоки утрово пукал во вработените и жителите на Домот за стари и изнемоштени лица во Дарувар.
Полицијата потврди дека човекот кој се поврзува со денешното повеќекратно убиство е под полициски надзор.
Пахоки влегол во Домот за стари и изнемоштени лица и почнал да пука. Пет лица загинале на лице место, а неколку лица се повредени. Уште едно лице подоцна починало во болница. По нападот убиецот побегнал, но полицијата набрзо го фатила.
Од полициската управа велат дека околу 10.10 часот добиле пријава дека машко лице со употреба на огнено оружје убило и ранило неколку лица во дом за стари и изнемоштени лица. Оттаму додаваат и дека на местото на настанот се води истрага, предводена од заменикот на Жупаниското државно правобранителство во Бјеловар.
Убиецот е 51-годишниот Крешимир Пахоки од Доњи Дарувар. Неговата мајка била жителка на домот.
Пахоки е пензиониран воен полицаец. Во 1996 година, Фрањо Туѓман му го додели Спомен-обележјето на Татковинската благодарност, кое им се доделува на хрватските граѓани за чесна и примерна служба.
По убиствениот поход со пиштол во Домот за стари лица, Пахоки побегнал, но полицијата го уапсила во близина на кафуле. Ја убил мајката, жители и вработените во домот.