Пензионираниот воен полицаец Крешимир П. (51) e човекот кој во понеделникот малку по 10 часот убил 5 лица во домот за стари и изнемоштени лица „Виани“ на улицата Мажураниќева во Дарувар, а уште неколку ранил. Една од жртвите била неговата мајка. Во болница починало уште едно лице од повредените, така што сега крвавиот биланс е 6 убиени.
Повикувајќи се на Мојпортал, хрватскиот портал Јутарњи пишува дека пред крвавиот пир, Крешимир седел пред продавница во Доњи Дарувар и пиел пиво, како што тоа го правел речиси секој ден во последните 10 години. Во еден момент дошол зад пожарната и го замолил чуварот да го одвезе него и уште еден пријател во градот. Домарот му рекол дека не може, бидејќи има работа.
– Мислев дека треба да оди до банкомат или нешто слично. Не ми падна на памет дека има намера да направи вакво нешто. И тогаш го слушам ова. Не знам што да ви кажам, во шок сум! – со растреперен глас сведочи чуварот.
Според информациите кои моментално се достапни на Мојпортал, мајката на Крешимир 10 години била сместена во Домот. Како што неофицијално дознава РТЛ, мотивот за крвопролевањето може да биле нерасчистени имотни односи. Крешимир наводно тргнал да го одземе животот на мајка си во Домот за стари лица, а другите жртви биле колатерални.
Неофицијално се дознава дека Крешимир најпрвин дошол во кафе барот Дарувар каде си нарачал пијачка и ги почестил гостите кои во тој момент биле во кафулето. Велат дека бил сосема мирен и рекол: „Имам да завршам една работи“.
Крешимир дошол во домот, влегол внатре и почнал да пука. Ја убил мајка си, уште тројца корисници и негувател, а повредил неколку лица. После тоа, тој мирно излегол на улица и се вратил во блиското кафуле „Дарувар“, каде, очигледно, решил да ја чека полицијата која брзо се појавила и го привела.
Полицијата веќе си имала работа со Крешимир П. Тој пред еден месец, после цел ден пиење пред продавница во Доњи Дарувар, фрлил познаник на скалите, каде што имало шишиња. Поради тежината на повредите, мажот со возило на Итна медицинска помош бил пренесен во Општата болница во Бјеловар и завршил на операција на абдоменот.
– Порано беше добро момче, дежурен воен полицаец во Загреб. Но, кога се пензионирал, алкохолот очигледно си го зел данокот – изјавил анонимен жител на Дарувар.
(Фото: Јутарњи.хр / Фејсбук)