Благодарение на брзата и пожртвувана реакција на храбрите велешки пожарникари во четвртокот избегната е голема трагедија во кругот на поранешна велешка „Порцеланка“ во Велес, објави Центарот за управување со кризи.
– Огнот беше сопрен на само стотина метри оддалеченост од цистерни и склад со повеќе од 80 тони гас. Благодариме на храбрите велешки пожарникари кои веднаш излегоа на терен, побара и воздушна поддршка, но немаше време таа да стигне. Пред да стигне поддршката тие воспоставија контрола – рече директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов.
Ангелов информираше дека денеска, до 14 часот, се активни вкупно осум пожари на отворено низ цела Македонија.
Според Ангелов, најсериозен и натаму е пожарот на планината Серта, во делот над селата Драгоево и Селце на територијата на Општина Штип.