Одложно дејство на уставните измени, за да не можност од нови блокади на земјава од страна на Бугарија во евроинтегративниот процес. Ова е ставот на македонската Влада која ќе настапи во натамошните разговори околу исполнувањето на условот на Бугарија за вметнување на Бугарите во Уставот. Министерот за надворешни работи и трговија Тимчо Муцунски во интервју за Канал 5 вели дека новата влада е подготвена да ги спроведе измените на Уставот но тие да важат по нашето зачленување во Европската унија.
„Може да се вметнат Бугарите како етничност во нашиот Устав заедно со Хрватите и Црногорците, но тоа да има одложна примена до пред да се ратификуваат протоколите за членство на земјата, со тоа е и моментот пред да станеме земја членка, за да имаме гаранција дека во тој период ќе бидеме оценувани единствено по објективни и мерливи критериуми. Ги правиме уставните измени после три месеци Бугарија ново вето да постави. Како ќе изгледа за легитимитетот на ЕУ дома пред нашите граѓани и како ќе изгледа за легитимитетот на процесот на европска интеграција во целиот регион“, вели Тимчо Муцунски.
Претходно техничкиот премиер на Бугарија Димитар Главчев изјавуваше дека нема да прави повеќе никакви отстапки за Македонија, а по средбата со премиерот Мицкоски во Вашингтон информираше дека на таа средба се договориле за нормализација на односите и да се вратат на точка пред 2017 година. Муцунски не сакаше да коментира што точно се разговарало, но рече дека очекува разумност од страна на Бугарија.
„Не би цитирал никој поединечно но би рекол дека има едно размислување дека има логичност во тоа што го кажуваме и дека ја заштитуваме и самата Европска унија со овој модел. Никој не може да ни гарантира дека другата страна ќе го прифати тоа, но исто така јас верувам и во разумноста на бугарската страна“, вели Тимчо Муцунски.
Но каков е ставот на владините коалиционери во однос на ова. Од коалицијата ВРЕДИ велат дека за нив останува приоритет членството на земјава во Европската унија, и го поздравуваат размислувањето на ВМРО-ДПМНЕ за да се донесат уставните измени.
„Евроинтеграцискиот процес останува висок приоритет на коалицијата „Вреди„. Ние остануваме на тоа што сме го дале како временски рок. Шест месеци е дадениот рок и ќе видиме какви конкретни чекори ќе бидат преземени во овој период и како ќе продолжиме понатаму. Го сметаме како храбар чекор тоа што ВМРО-ДПМНЕ веќе размислува за модалитети како да се донесат уставните измени, што за нас е сигнал дека процесот оди во вистински правец“, вели Коалиција Вреди.
Бобан Карапејовски од движењето ЗНАМ во денешното издание на Дејли Клик изјави дека за вакво нешто тие како партија се залагале уште пред изборите, па како што вели поддржуваат вакво нешто.
„Апсолутно тој став е прифатив, мислам дека претседателот на Движењето ЗНАМ За наша Македонија Максим Димитриевски и прв ја промовира таа идеја за одложено дејство, потоа низ кампањата и ВМРО-ДПМНЕ ја применуваше и тоа го вети. Многу е важно ние во процесот на пристапување кон Европската унија да бидеме на чисто дека ќе се применуваат за Македонија само критериумите од Копенхаген. Не низ процесот, се по некој да ни измислува нови критериуми“, порача Бобан Карапејовски.
Сепак за било какви разговори, македонските власти ќе треба да ја почекаат новата Влада во Бугарија, бидејќи во моментов функционира техничка.