Автобус со работници на Индитекс се заглавил во сообраќајна несреќа на влезот во тунел во речиси вертикална положба кај местото Пинеда де Мар, 73 километри од Барселона. Во несреќата се повредени 45 лица, известија локалните служби.
Автобусот со 47 патници патувал од Барселона до градот Тордера во североисточниот регион на Каталонија, каде сопственикот на модниот бренд Зара има фабрика. Несреќата, чија причина полицијата во моментов ја истражува, се случила во 8 часот и 45 минути.
На десетици повредени лица им била укажана помош во близина или се префрлени во околните здравствени центри.
Тројца патници во критична состојба со хеликоптер се пренесени во болница. Пожарникарите истакнаа дека извлекувањето на патниците било тешко бидејќи автобусот останал заглавен во речиси вертикална положба потпрен на окното на тунелот. Возачот последен бил извлечен од превртениот автобус.
Се чини дека автобусот се излизгал од патот, удрил во работ на тунелот и се превртел. Според досегашните информации, во несреќата не учествувало друго возило.