Венеција вчера ја комплетираше пилот програмата за наплата на влез во градот со дневни билети. Во текот на изминатите два и пол месеци, речиси 450.000 туристи ја платиле таксата, што на градот му донесе околу 2,2 милиони евра, според пресметките на Асошиејтед прес.
Противниците на оваа мерка го нарекоа експериментот неуспешен. Десетици активисти се собраа пред железничката станица во Санта Лусија во саботата за да протестираат против таксата од 5 евра, за кои велат дека не направиле доволно за да ги оддалечат посетителите од пристигнувањето во деновите на шпицот, како што ветија.
– Влезницата е промашување, како што покажуваат податоците на градот – предупреди Џовани Андреа Мартини, опозициски член на градскиот совет.
Во првите 11 дена од пробниот период, во градот биле забележани во просек по 75.000 посетители. Мартини изјави дека имало 10.000 дневни посетители повеќе отколку на трите индикативни празници во 2023 година.
Градските власти најавија дека парите заработрени од продажбата на влезниците во пробниот период ќе бидат искористени за финансирање на основните услуги, вклучително и отстранување на ѓубрето и за одржување на градот. Таксата за влез не важеше за луѓето кои престојуваа во хотелите во Венеција бидејќи веќе им се наплаќа туристичка такса.
Ослободувањата важеа и за децата до 14 години, жителите на регионот, студентите, работниците и луѓето кои ги посетуваат роднините. Главниот градски претставник за туризам, Симоне Вентурини, најави дека таксата ќе продолжи и ќе биде зајакната. За следната година се разгледува предлог таксата да се удвои на 10 евра, потврди градскиот портпарол.
Критичарите тврдат дека програмата не успеа да го направи градот попогоден за живеење, како што беше планирано. Тие бараат воведување политики кои би го поттикнале повторното населување на историскиот центар на Венеција, кој со децении губи жители.
Во историскиот центар на градот сега има повеќе туристички легла отколку жители.
– Апсолутно е бескорисно да се сака ова да се зголеми на 10 евра. Тоа ја прави Венеција музеј – убеден е Мартини.
Многу од транспарентите на протестот во саботата, исто така, укажаа на зголемената загриженост за системот за електронски и видео надзор што градот го воведе во 2020 година за следење на податоците од мобилните телефони на луѓето кои доаѓаат во градот, што е столбот на системот за контрола на туризмот. Постерите вклучуваа предупредувања за употреба на лични информации и недостаток на приватност на податоците.
– Билетот им го одвлекува вниманието на медиумите, кои зборуваат само за овие 5 евра, кои следната година ќе станат 10 евра. Но, никој не се фокусира на системот на надзор и контрола на граѓаните – вели Џовани Ди Вито, жител на Венеција активен во кампањата против туристичката такса.