Вооружениот напаѓач Томас Метју Крукс, осомничен за нападот на поранешниот претседател Доналд Трамп за време на неговиот предизборен митинг во Пенсилванија, бил регистриран како 20-годишен републикански гласач, но донирал 15 долари на организација којашто ја поддржувала Демократската партија, пишува Еуроњуз, повикувајќи се на Си-Ен-Ен.
ФБИ го идентификувашe осомничениот напаѓач на Трамп како Томас Метју Крукс, кој живеел во Бетел Парк, предградие на Питсбург, околу 80 километри јужно од локацијата каде што се одржа митингот на Трамп, пренесува Си-Ен-Ен.Крукс дипломирал на средното училиште Бетел Парк во 2022 година, објавија локалните медиуми, а записите на Федералната изборна комисија покажуваат дека донатор наведен како Томас Крукс со иста адреса како напаѓачот, дал донација од 15 долари во јануари 2021 година на организација за политичка акција во корист на Демократската партија.
Според официјалните податоци на надлежните безбедносни служби, Крукс пукал во Трамп од покривот на блиската зграда надвор од безбедносната зона околу локацијата каде што се одржувал митингот, а потоа бил ликвидиран од агенти на Тајната служба.
– Напаѓачот немал никаква идентификација на себе, поради што агентите морале да ја проверат неговата ДНК и да добијат биометриска идентификација – изјави специјален агент задолжен за теренската канцеларија на ФБИ во Питсбург.