На Меѓународниот аеродром во Скопје попладнево пристигнаа патниците од првиот лет на турската нискобуџетска авиокомпанија „AJet“ која е подружница на Turkish Airlines.
AЈet ќе сообраќа на оваа редовна авиолинија од скопскиот аеродром со 4 неделни фреквенции, или секој понеделник, четврток, сабота и недела. Времето на поаѓање од аеродромот Сабиха Гокчен е во 11.30 часот, а времето на пристигнување на скопскиот аеродром во 13 часот, додека поаѓањето од Меѓународниот аеродром Скопје е во 14 часот, а времето на пристигнување на аеродромот Сабиха Гокчен во Истанбул е во 15.30 часот.
Авиобилетите се во продажба на веб сајтот на AJet.
Оваа авиокомпанија сообраќа на домашни летови и меѓународни летови до Северен Кипар, Западна Европа и Западна Азија од нејзината база на Меѓународниот аеродром Сабиха Гокчен.
Според информациите на ТАВ Македонија, во првата половина од годинава на двата аеродроми во земјава опслужени биле 1.458.299 патници што значи пораст од 9% споредено со истиот период лани. Во однос на бројот на летови, во првите 6 месеци од годинава реализирани се 11.843 летови, или 15% повеќе во однос на лани.