Кремљ ги оцени како опасна ескалација изјавите на некои западни земји на овонеделниот самит на НАТО дека ќе му дозволат на Киев да го употреби нивното оружје за напад на руска територија.
Во четвртокот, шефот на канцеларијата на украинскиот претседател, Андриј Јермак, повика на укинување на ограничувањата за употреба на оружјето на западните сојузници против цели длабоко на руска територија. Ова, како што рече Јермак, ќе го промени односот на силите во војната против Русија.
„Слушнавме изјави од претставници на некои главни градови, како Лондон и други, кои не се грижат за какви било ограничувања по ова прашање, а гледаме и земји кои се обидуваат да одржат рамнотежа и кои велат дека се против олеснување на условите за употребата на ракети со долг дострел“, изјави портпаролот на Кремљ за новинарите Дмитриј Песков.Песков додаде дека Москва верува дека ова оружје веќе се користи за напади на руска територија.
Нова, многу опасна ескалација на тензијата
„На крајот на краиштата, проектили веќе ја погодуваат нашата територија, а што се однесува до зголемувањето на дострелот, ова е чиста провокација, нова, многу опасна ескалација на тензијата“, рече Песков.
По притисокот од Украина и некои од нејзините европски сојузници, Соединетите Американски Држави се согласија на крајот на мај да ја сменат својата политика и да му дозволат на Киев да користи западно оружје за да напаѓа цели на руска територија како дел од својата одбрана од руската инвазија, но не длабоко на руска територија.
Јермак тогаш ја нарече „клучна одлука што ќе влијае на водењето на војната, планирањето на контраофанзивни акции и ќе ја ослабне способноста на Русите да ги користат своите сили во пограничните области“.