Како неосновани се одбиени приговорите на одбраната на обвинетите за случајот со убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска од Скопје и 74-годишниот Панче Жежовски од Велес и обвинителниот акт се прифаќа во целост, информираше Основен кривичен суд Скопје.
Боре Видевски, Велибор Манев и Влатко Кешишов, се обвинети дека биле соизвршители во грабнувањата и убиствата. Целта, според обвинението, им била да присилат член на потесното семејство на Вања да даде парични средства за откуп. Она што најмногу шокираше во случајот е евентуалната инволвираност на таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, кој е обвинет дека помогнал во нејзиното грабнување.
„По разгледување и ценење на актот како и доставените приговори изјавени против обвинението од страна на одбраната на обвинетите, донесе решение со кое – Приговорите на одбраната се одбиваат како неосновани, а Обвинителниот акт се одобрува во целост. Врз основа на одобрениот обвинителен акт, се формира кривично – правен предмет кој согласно АКМИС системот ќе биде распределен на понатамошно постапување, за што, ценејќи го јавниот интерес за случајот, јавноста ќе биде благовремено известена“, соопшти Кривичен суд.
Инаку рочиште за случајот ќе треба да се закаже во рок од 30 дена.
Таткото на Вања од почетокот тврди дека е невин. Видевски, Манев и Кешишов кога беа приведени признаа вина. Видевски потоа го смени исказот и го тврдеше спротивното. Според нивните сведочења, Љупчо Палевски Палчо бил организатор на грабнувањата и извршител на убиствата и тој им кажал дека информациите за движењето на Вања му се од нејзиниот татко. За Палевски, кој беше екстрадиран од Турција во земјава во мај, истрагата сè уште трае.
„Во однос на повеќе новинарски прашања за постапката против првоосомничениот за двојното убиство – Љ.П., ја информираме јавноста дека постапката е сè уште во фаза на обвинителска истрага“, соопшти Кривичен суд.
Палевски тврди дека е осомничен заради претходни непријателства и политички недоразбирања со определени претставници од власта. Вања беше грабната на 27 ноември минатата година, а Панче исчезна пет дена претходно. Нивните тела беа пронајдени на 3 декември.