Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, денеска изјави дека рускиот претседател Владимир Путин не доставил никаква порака преку унгарскиот премиер Виктор Орбан до американскиот претседател Џо Бајден и другите учесници на Самитот на НАТО што неделава ќе се одржи во Вашингтон.
На прашањето дали Путин им пренел порака на Бајден и на другите учесници на Самитот на НАТО преку Орбан, кој ја посети Москва на 5 јули, Песков одговори негативно.
Тој додаде дека Орбан, кој претходно ги посети Киев и Москва, а денеска е во Пекинг, од каде ќе отпатува во Вашингтон, „презема сериозна иницијатива да ги спореди ставовите на различни страни, врз основа на примарни извори“.
– Ние многу го цениме тоа и претседателот Путин даде висока оцена на напорите на господинот Орбан – истакна Песков.