Русија претставува најголема закана за Шведска и нејзините сојузници до 2030 година, оцени во понеделникот шведската влада во својата најнова стратегија за национална безбедност.
„Не треба да се исклучи вооружен напад врз Шведска или нејзините сојузници“, се вели во документот.
Во јануари, командантот на вооружените сили им порача на своите сограѓани „ментално да се подготват за војна“.
Министерот за одбрана Пал Џонсон рече дека заканата од Русија ќе зависи од текот на војната во Украина, но дека таа е „подготвена да преземе големи политички и воени ризици“.
Во средината на јуни, руски воен авион го наруши шведскиот воздушен простор во близина на стратешки важниот остров Готланд во Балтичкото Море.
По руското заземање на Крим, Шведска почна да ги зајакнува своите воени сили, а по руската инвазија на Украина во 2022 година, одлучи да се приклучи на НАТО. Таа стана полноправна членка на западната воена алијанса во март 2024 година, по 200 години неутралност.
Во новата стратегија, Шведска посветува големо внимание на заштитата на своите стратешки средства, особено на северот на земјата, каде во 2023 година во Кируна, Лапонија беа откриени најголемите наоѓалишта на ретки метали во Европа.
Ретките земјини метали сочинуваат група од седумнаесет хемиски елементи во периодниот систем на елементи – петнаесет лантаниди, скандиум и итриум. Нивната појава на Земјата е ретка, но тие се многу корисни во современите производни процеси. Тие се користат во технолошката индустрија, производството на батерии, катализатори, за проектили и многу други работи, кои би можеле да обезбедат независност на ЕУ од Кина и Русија.
Тие се исто така важни за зелените технологии, вклучувајќи ги турбините на ветер и електричните возила.
Во моментов, 98 отсто од ретките метали што се користат во Унијата се увезени од Кина.