Русите на 2 јули погодија два украински воени авиони Су-27 и оштетија уште најмалку пет со ракети „Искандер“, објави Форбс. Авионите биле паркирани на отворен простор, а биле погодени среде бел ден. Украинската армија нашироко беше критикувана затоа што ги оставила авионите видливи на отворено на само 160 километри од границата со Русија.
Денеска повторно се случи нешто слично. Руски дрон се упати кон украинската воздухопловна база во Полтава, источно од Миргород и подеднакво далеку од границата. По неколкучасовно извидување, базата била погодена од проектил „Искандер“. Овојпат оштетен бил украински хеликоптер Ми-24.
Според Форбс диисега се уништени два украински борбени авиони Су-27, два авиони „Микојан“ МиГ-29, еден јуришен авион Су-25 и сега можеби и Ми-24.
Ваквите загуби за украинските воздухопловни сили не се одржливи. Украинците имаат само неколку десетици Миг-ови и Сухои и немаат јасно определено како ќе ги заменат овие авиони со идентични на нив.
Украинската армија има околу педесет хеликоптери Ми-24, но би имала проблеми и со набавка на замени. Иако наскоро Украинците ќе добијат 85 авиони Ф-16 и десетина авиони „Мираж 2000“, тие ќе бидат подеднакво ранливи како МиГ-овите и Сухои-те.
Но, како што исто така се наведува, истиот проблем го имаат и Русите. Тие не можат да ги заштитат своите воздушни бази од украински ракети и беспилотни летала. Разликата е во тоа што Русија има повеќе бази и повеќе авиони, поради што може да претрпи повеќе загуби.