Во Дагестан, носењето никаб е привремено забрането поради неодамнешните напади
Во Дагестан, мнозинска муслиманска руска кавкаска република, носењето никаб, превез што го покрива лицето, е привремено забрането од „безбедносни“ причини, по неодамнешните напади на цркви и синагоги.
Тој превез, кој го покрива лицето и ги остава само очите отворени, „привремено е забранет до елиминација на постоечките закани“, објави денеска највисоката муслиманска верска власт во Дагестан во видео порака преку својот профил на Телеграм.
Забраната е оправдана со загрозувањето на безбедноста на населението на таа република, во која живеат три милиони луѓе, на што укажа и министерството задолжено за прашања од националност и религија.
На 23 јуни, напаѓачите истовремено нападнаа две православни цркви и две синагоги, како и полициски контролен пункт во Дагестан, под сè уште неразјаснети околности.
Во нападите, за кои сè уште никој не ја презеде одговорноста, загинаа 22 лица, главно полицајци. ; Кон крајот на јуни истражителите објавија дека меѓу жртвите има и православен свештеник.
Нападите беа извршени три месеци по нападот на концертната сала „Крокус Сити Хол“ во предградието на Москва, во кој беа убиени 145 лица, а за кој одговорност презеде исламистичката организација Исламска држава.
Малку детали се објавени за идентитетот и мотивите на напаѓачите во Дагестан. Според властите, неколку од нив биле убиени.