„Страшни приказни“ го претвора хоророт во префинета естетика

Lorita
By Lorita 4 Min Read
Disclosure: This website may contain affiliate links, which means I may earn a commission if you click on the link and make a purchase. I only recommend products or services that I personally use and believe will add value to my readers. Your support is appreciated!

Во литературата, описот е екстремно важен наративен облик, темел врз кој се гради целото четиво. Кога тој е премногу долг, читателот губи фокус и развива став дека читањето книги е здодевно хоби, а кога е премногу краток, приказната нема душа и е премногу шкрта. „Совршено“ долгиот опис, стилски соодветен за духот на приказната, му го дава срцето на делото. Во готската фикција, пак, описот е особено клучен за создавање на атмосферата која го внесува читателот во мрачниот свет со фантазмагорски привиденија, вадејќи му ги потсвесните стравови на естетски „фин“ начин. Готската естетика дише низ описите, па затоа пишувањето добар готски роман воопшто не е лесно, туку е сериозен потфат.

Писателката Сузана Камберова совршено го изведува тој потфат во нејзиниот роман „Страшни приказни“ (Арс Либрис, 2024), во кој описите толку спонтано се испреплетуваат со дејствијата и со дијалозите, што воопшто не се забележува кога завршуваат едните, а кога започнуваат другите. Приказната на ова четиво се одвива „Некаде на Алпите“ додека неколкумина, заробени во викендичка поради невреме, ја слушаат приказната на госпоѓа Илсе во која има уште приказни. Низ своите кошмарни визии кои не знае дали ја отсликуваат реалноста, или, пак, се халуцинации, протагонистката се развива низ конфликтот на нејзините дијаметрално спротивни особини, од едната страна срамежливоста и интровертноста, а од другата, љубопитноста и смелоста.

Камберова вешто игра со темпото на приказната, а читателот има време да „дише“ за време на описите, кои ја поставуваат сцената, а веднаш потоа антиципира во дејствијата кои си поигруваат со темпото на неговото срцебиење. Хоророт е присутен во порите на четивото, но романтичен и стилизиран, без непотребен „гор“. Готскиот хорор има посебна елеганција, тој говори со јазикот на студените бои и на ледените места, проткаен со романса, а навлегува во естетиката на грдото која ја издига на повисоко ниво. Гротескноста станува возвишена, честопати како соодветен контраст на наивната младост и на убавината. Но, таквите „квазимодовски“ појави и чудовишта на Франкенштајн честопати отсликуваат и други аспекти на реалноста, поврзани со класните разлики и со други општествени динамики, особено бидејќи готската фикција е производ на духот на 19 век и на почетокот на 20 век, период проследен со војни, сиромаштија и со страдање. Камберова суптилно навлегува во општествените појави, упатувајќи социјална критика која е речиси незабележлива за невнимателниот читател.

Бизарното и изобличеното честопати е предмет на осуда бидејќи ни го поттикнува стравот од можноста сите да се претвориме во грдата верзија од себе. Честопати сме и привлечени кон грдото бидејќи можеби и ќе ни се допадне. Грдото е човечно, а не совршено. Во романот „Страшни приказни“, таа дилема е преточена низ контрасните чувства на протагнистката, од една страна кон грофот Ото фон Рајс, кој е инвалид од војната, а од другата, оние кон Филип Ланг, убаво и шармантно момче кое студира филозофија. Но, Камберова вешто бега од клишето прикажувајќи ја протагонистката како реалистичен лик. Во еден миг, нејзините мисли се стилизирани и таа размислува „пристојно“, но повремено ѝ бега човечка мисла која говори на јазик што го разбираме и не е романтизирано претенциозен. Таа е лик со кој можеме да се поврземе.

Share This Article