Германската полиција беше принудена да интервенира откако маскирано лице се качи на покривната конструкција на крајот од натпреварот меѓу Германија и Данска (2:0).
Почетокот на второто полувреме беше одложен поради полициската акција која се случи на стадионот. Во 22 часот и 27 минути, 21-годишен маж од Ознабрик се качил на кровната конструкција и покрај бројните предупредувања не сакал да се симне. Како се искачил и кои биле неговите намери сѐ уште не се знае. Но по итната интервенција на полицијата завршил со лисици.
Полицијата морала да крене хеликоптери за да го уапси маскираниот маж, а драмата на стадионот траела точно 57 минути.
Имено, непознатиот маж се движел по гредите на покривот, а откако не се одзвал на повикот на полицијата да се симне, органите на прогонот дури ги извадиле и пиштолите. По заканите со оружје, маскираниот маж кој носел ранец ѝ се предал на полицијата која му ја тргнала маската, му ставила лисици и го однела во полиција. Германските медиуми пренесуваат дека сѐ уште нема докази дека имал намера да ги повреди навивачите на стадионот во Дортмунд.
Полицијата во Германија веќе е во состојба на готовност. Хаос имаше и на натпреварот помеѓу Португалија и Турција кога дури неколку навивачи истрчаа на теренот за време на натпреварот да се сликаат со Кристијано Роналдо.
Еден навивач дури и скокнал од покривот на тунелот пред Португалецот, но за среќа не бил повреден бидејќи обезбедувањето брзо реагирало. Поради сѐ, полицијата ги зголеми безбедносните мерки. Германски Билд тврди дека околу 22.000 полицајци се ангажирани за обезбедување на Европското првенство. Тие се распоредени на граници, стадиони, јавни места, аеродроми, железнички станици…