More

    На проектот на „Бехтел и Енка“ не може да му се најде ни почеток ни крај

    spot_img

    Државата губи европски пари, плаќа високи износи за судски процеси започнати на арбитражни судови поради бавната реализација на капитални инвестициски проекти и откажување на договорени проекти. Згора на тоа државата нема систем за управување со јавните инвестиции, а проектите кои се реализираат преку јавното претпријатие Државни патишта не се ставени во трошоците од буџетот. Ова го утврдиле ревизорите во последната ревизија на капиталните проекти во земјава.

    Ревизорите утврдиле дека „Бехтел и Енка“ не го градат автопатскиот коридор 8 и 10д според планираната динамика, а проценетата вредност на инвестицијата не може да се потврди бидејќи се реализира без основен проект и според посебен закон со кој не се предвидува тендерска постапка.

    Според ревизорите, заклучно со декември 2023 година само 0,12% од трошоците се однесуваат за градба што покажува отстапување од планираната динамика за градба.

    Ревизорите наведуваат дека не можеле да ја потврдат вредноста на изградбата на Коридорите 8 и 10д кои се долги 108 километри, а се проценува дека ќе чинат 1,319 милијарди евра. Проблем за ревизијата бил посебниот закон кој за овој проект не предвидува спроведување на јавна набавка, а согласно начинот на градба не е однапред подготвена техничка спецификација на ниво на основен проект, како и поради специфична метода на брза градба која досега не била применета, со ревизијата не може да се потврди утврдената вредност за овој проект.

    „Со компаративна анализа за цената на изградба на Коридор 8 и 10д се ревизијата се утврди дека во петгодишниот план на Транспортната заедница од април 2022 година индикативната вредност наведена за планираните делници изнесува 585 милиони евра или 475 милиони евра без делницата Букојчани-Кичево. Индикативната (прикажаната) вредност на оваа градба според cost benefit анализата/физибилити студијата изработена од Градежниот факултет од декември 2022 година, изнесува 1,275 милиони евра. Цената на проценетата вредност во договорот е во рамките на cost benefit анализата“, се констатира во извештајот.

    Ревизорите меѓутоа велат дека проценетата вредност на проектот е неизвесна бидејќи за градбата нема основен проект туку се применува таканаречен модифициран црвен FIDIC.

    Според ревизорите, проблематична е и изградбата на автопат Кичево – Охрид кој се гради 10 години. Вредноста на договорот за градба со последниот анекс, трет по ред, е проценета на 589 милиони евра, а првичната вредност изнесува 411 милиони евра.

    Досега за овој проект се потрошени 466,4 милиони евра, а рокот за завршување на автопатот е изминат на 31.12.2023 година.

    Според ревизорите, тоа претставува голема неизвесност од настанување на високи правни и финансиски ризици поврзани со текот на овој проект.

    Ревизорите утврдиле дека втората делница од автопат од Скопје до граница со Косово не е започнат, истиот се планира повеќе години, а проценетата вредност од 112 милиони евра е зголемена на 198 милиони евра за 10,5 километри автопат.

    Во однос на железничкиот Коридор 8 ревизијата утврдила дека вредноста на проектите е зголемена неколку пати, а реализацијата на проектот трае многу долго што може да влијае земјава да го изгуби ИПА грантот.

    „Вредноста на фазата 1 и 2 од овој проект е зголемена и платени се провизии за неповлечени средства во износ од 4,6 милиони евра поради неисполнети услови за ефективност на заемот во период од 7 години, што укажува на неефикасно управување со овие стратешки проекти“, се вели во извештајот од ревизијата.

    Фазата 3 од проектот планирање и подготвување трае предолго и постои голем ризик од губење на ИПА грант средствата во износ од 60,765 милиони евра и идни фискални импликации поради потреба од обезбедување дополнителни средства од Буџетот на државата.

    „Во исто време нагласуваме дека вредноста на проектот е зголемена од првично планираната. Според билатералниот договор склучен помеѓу Европска Унија и Македонија истата е 340 милиони евра, додека до денот на ревизијата вредноста е зголемена и проценета на 560 милиони евра, што претставува зголемување во износ од 220 милиони евра“, се наведува во ревизијата.

    Ревизорите го анализирале и проектот пречистителна станица во Скопје, како и проекти на општините кои биле планирани, а не почнале да се градат поради што државата ќе биде принудена да плаќа пенали. За пречистителната станица во Скопје веќе е почната арбитража. За дел од проектите постои голема неизвесност поради нереализација да се загубат и грантовите бидејќи не се спроведени тендерски постапки и не склучени договори.

    Ревизорите утврдиле и неправилности во планираните инвестиции во здравството.

    „Проектите од областа на здравството, изградба на Клинички центар Скопје, и изградба на Регионална болница Штип се откажани поради раскинати договори за заем и договори за градба. Поради раскинување на договорот за изградба на Клинички центар Скопје и откажување на проектот во текот на 2022 и 2023 година започната е арбитража со побарувања во износ од 23,5 милиони евра од конзорциумот на изведувачите, а поради раскинување на договорот за изградба на Регионална болница во Штип, проект од големо значење на граѓаните во јануари 2024 година започната е арбитража од изведувачот со побарувања во износ од 22 милиони евра“, се наведува во извештајот.

    Како главен проблем во состојбата со капиталните инвестиции ревизорите навеле дека е тоа што државава нема изграден систем за управување со јавни инвестиции, но и не презема навреме мерки што пак придонесува за бавна динамика на реализација на стратешките инфраструктурни проекти, зголемени трошоци за реализација на проектите и високи фискални ризици за јавните финансии, како и ризик за економијата и животот на граѓаните.

    Со ревизијата е констатирано дека прикажаните капитални расходи во Буџетот не се целосни и не даваат јасен и објективен приказ за износот на јавните инвестиции.

    „Во Буџетот не се прикажани јавни инвестиции од ЈП за државни патишта коешто не е во согласност со најновите методологии за владина статистика и има за ефект нецелосно прикажување на капиталните инвестиции во Буџетот“ се наведува во извештајот.

    Иако се планирани, сè уште не се воспоставени организациони единици за поддршка на инфраструктурните проекти во Канцеларијата на претседателот на Владата и за следење во Кабинетот на заменикот на претседателот на Владата, одговорен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции.

    Не постои надзор над целокупното портфолио на јавни инвестиции на национално ниво, поради што не се следи и не се управува со целокупниот фискален ризик во реализацијата со цел навремено преземање на корективни мерки и намалување на можностите за идни финансиски импликации.

    Системот на управување не е единствен и целосен, односно е фрагментиран по проекти и по начин на финансирање.

    Не постои единствена база на проекти од која може да се видат јавни инвестиции и стратешки проекти кои се реализираат, нивната вредност, динамика на реализација, начинот на финансирање, видот на градба и други податоци и информации кои би служеле за процени и анализи за потребите на државата.

    „Од 24 ревидирани проекти со вредност од 3,950 милијарди евра, за 19 проекти склучени се договори за градба со вредност од 2,744 милијарди евра, а за 5 проекти иако подготовките се започнати пред повеќе години сè уште нема склучено договори за градба.

    За 19 проекти во вкупна вредност од 2,744 милијарди евра, реализирани се 941,8 милиони евра, а од нив само еден проект од ревидираните е завршен.

    Од 19 проекти за кои се склучени договори, за 6 има застој. За 4 проекти раскинати се договорите, од кои за 3 има меѓународна арбитража и побарување за штета во вкупен износ од 45,5 милиони евра, и за 2 проекта постои неизвесност поради изминат рок на градба, а не се склучени нови анекси кон постојните договори за градба“, се наведува во извештајот.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img