Шумскиот пожар на грчкиот остров Хидра кај Атина избувнал поради огномет испукан од луксузна јахта, соопштија пожарникарите.
Грчките власти го осудија инцидентот кој се случи во екот на туристичката сезона и првиот топлотен бран.
Пожарот е ставен под контрола, а причина за пожарот, кој ја запали единствената борова шума на тој грчки остров, според грчкиот противпожарен тим, бил огномет кој бил испукан од приватна јахта.
Според грчките медиуми, граѓаните на Казахстан ја изнајмиле јахтата, а властите најавиле апсења поради пожарот. Капетанот на блискиот брод кој бил сведок на инцидентот дал изјава пред властите, пренесе Екатимерини.
Градоначалникот на островот Хидра, Јоргос Кукудакис, го осуди инцидентот, велејќи дека е „навреден што одредени луѓе предизвикуваат пожари на таков неодговорен начин“.
Оваа вест предизвика негодување и на социјалните мрежи.
„ Богати луѓе со повеќе пари отколку мозок“, рекол еден корисник, пренесува BBC.
На почетокот на годинава Грција ги заостри казните за предизвикување пожари, а на сторителите им се заканува казна затвор до 20 години и парична казна до 200.000 евра.