Не се знае колку ќе поскапи цената на струјата за крајните потрошувачи

Lorita
By Lorita 4 Min Read
Disclosure: This website may contain affiliate links, which means I may earn a commission if you click on the link and make a purchase. I only recommend products or services that I personally use and believe will add value to my readers. Your support is appreciated!
- Advertisement -
Ad image

Универзалниот снабдувач ЕВН Хоум ќе ја купува струјата од ЕСМ по цена од 60 евра за мегават час.  Понудата беше прифатена на денешниот тендер, а новина е што овој пат ЕСМ ќе покрие 85% од потребите за ЕВН Хоум за малите потрошувачи, а останатите 15% ќе мора да ги купи од слободниот пазар по далеку повисоки цени. На акцијата се јавиле три компании – Диферцо МК, ЕСМ Продажба и Соле24. Но според ЕВН, понудената цена била за околу два и пол пати повисoка. Ќе има нов тендер наредниот месец со кој ќе треба да се покријат останатите 15%.

Колку тоа ќе влијае на поскапување на струјата за граѓаните засега не може да се предвиди.

„За 85% од потребите на Универзалниот снабдувач ЕВН Хоме, доби само една понуда, и тоа од компанијата АД ЕСМ со купопродажна цена на електрична енергија од 60 евра за мегаватчас, додека за 15% од потребите на Универзалниот снабдувач, беа добиени 3 понуди, од компаниите Дуферцо МК, ЕСМ Продажба и Соле24, со понудени цени кои беа за околу два и пол пати повисоки, во однос на понудената цена на АД ЕСМ за 85% од потребите. Управниот одбор на ЕВН Хоме донесе одлука да ја прифати понудата од АД ЕСМ за 85% од потребите, додека за останатите потреби од 15%, понудите на компаниите не беа прифатени од страна на ЕВН Хоме поради значително повисоките цени во однос на пазарните во моментот“ – соопштија од ЕВН.

Според компанијата, сега за нив претстои голем предизвик за завршување на целиот процес на лиценцирање во Регулаторната комисија, бидејќи рокот е краток до престанувањето на важноста на постојната лиценца.

Во меѓувреме, пратениците од владејачката коалиција денеска во Собранието поднеле предлог за дополнување на Законот за енергетика по скратена постапка, информираше мандатарот Христијан Мицкоски. Со нив треба да се скратат процедурите во Регулаторната комисија за лиценцирање на универзалниот снабдувач, но и да се спречи раст на цената на струјата. Очекувањата се дека тие ќе бидат донесени веќе следната недела откако викендов ќе биде изгласан новиот состав на Владата.

– Домаќинствата коишто се во првата и втората група нема да добијат зголемени сметки за електрична енергија, а исто така очекуваме и оние кои влегуваат во третата и четвртата група, зголемувањето на цената на електрична енергија да не биде значителна, туку да се движи меѓу 1 и 2%. Едноставно, РКЕ да има можност со овој закон да може на старо-новиот универзален снабдувач веднаш само да му ја скрати важноста на лиценцата за снабдување на сите оние потрошувачи коишто се на регулираниот пазар – истакнува Мицкоски.

Претседателот на Регулаторната комисија, Марко Бислимовски, за телевизија „Телма“ изјави дека со цена од 60 евра за мегават час и испорака на 85% од вкупната потрошувачка цената на електричната енергија за домаќинствата односно крајните потрошувачи би можела да се покачи за 10 до 15%.

Во наредните денови РКЕ ќе ја донесе новата цена на струјата која ќе важи од 1 јули до крајот на годината. Во крајната цена на електричната енергија влегуваат цената по која ЕСМ ја продава струјата на ЕВН Хоме, цената на Преносниот систем оператор МЕПСО, цената на Операторот на пазар на електрична енергија МЕМО, како и цената на Дистрибутивниот систем оператор Електродистрибуција.

Share This Article