Во натпревар со резултатски пресврти и четири голови, репрезентациите на Хрватска и Албанија одиграа нерешено 2-2 попладнево во Хамбург, во рамки на второто коло во групата Б на ЕВРО2024.
Албанија во рана фаза од натпреварот го отвори резултатот со голот на Лачи во 11 минута и ја одржуваше предноста до завршните минути кога Хрватска постигна два гола за две минути и направи целосен пресврт.
Најпрво Крамариќ го израмни резултатот во 74 минута, а Хрватите дојдоа и до водство со автоголот на Џасула во 76 минута.
Сепак, истиот играч беше прецизен и на спротивната страна и во петтата минута од судиското продолжение ѝ донесе голем бод на Албанија во дуелот против фаворитот Хрватска. Со поделбата на бодовите, и Хрватска и Албанија се далеку од пласман во втората фаза.
Ова е второ разочарување за Хрватска на Европското првенство во Германија, откако на стартот „коцкестите“ беа убедливо поразени до Шпанија (3-0).
Претходно, албанските и хрватските навивачи на ЕУРО 2024 се „збратимија“ и заедно навиваа против репрезентацијата на Србија. На инстаграм се појави видео од заедничкиот настап на Хрватите и Албанците во Германија.
Албанските навивачи на денешниот дуел против Хрватска во Хамбург на трибините истакнаа знаме со порака „Косово е Албанија“ кое по реакција на организаторите мораа да го отстранат, пренесува агенцијата БТА.
Дуелот одигран вечерва во рамки на второто коло во групата Б на ЕВРО2024 го одбележа и инцидент во второто полувреме во кое од трибините можеше да се слушне скандирање „Убиј го Србинот“ од навивачите на двете репрезентации.
По првиот натпревар на албанската репрезентација против Италија, УЕФА соопшти дека ќе ја казни Фудбалската федерација на Албанија поради непримерно однесување на албанските навивачи, кои на натпреварот користеа пиротехнички средства, а на трибините истакнаа и пароли политички пораки.
фото: МИА