Познатиот британски актер Иан Мекелен (85) е префрлен во болница откако паднал од сцената во текот на изведбата на претставата „Играчки кралеви“ (Player Kings) во театарот во Лондон, јави Би-би-си.
Актерот, познат по улогата на Гандалф во „Господарот на прстените“, глумел сцена од тепачка кога изгубил рамнотежа и паднал.
Публиката била евакуирана од театарот и информирана дека вечерната претстава нема да биде изведена.
Кога се вклучиле светлата во гледалиштето, актерот извикал од болка, а вработените во театарот брзо притрчале напомош.
Еден гледач од публиката изјавил за Би-би-си дека инцидентот бил „многу шокантен“.
„Искрено се надевам дека ќе биде добро. Колку што можев да видам, тој беше свесен затоа што бараше помош“, рекол гледачот.