Либанската екстремистичка организација Хезболах денеска го изврши најголемиот истовремен напад со беспилотни летала врз базите и позициите на израелската армија од почетокот на прекуграничните конфликти пред повеќе од осум месеци, по убиството на еден од нејзините команданти во израелски напад, пренесе Бета.
Хезболах тврди дека овие напади ги извршува како поддршка на својот палестински сојузник Хамас, кој води војна против израелската армија во Појасот Газа, пренесуваат француските медиуми. Судирите на израелско-либанската граница почнаа на 8 октомври, само еден ден по почетокот на војната во Газа.
Во денешното соопштение проиранскиот Хезболах наведува дека се извршени ракетни и беспилотни напади врз шест бази и воени позиции, а беспилотните летала наполнети со експлозив истовремено нападнале уште три израелски бази.
Тие напади, како што е наведено, се „дел од одговорот на убиството“ на командантот на Талеб, Сами Абдула во вторникот во напад во јужен Либан во близина на границата со северен Израел.
Армијата потврди дека го елиминирала Абдула, кој според неа планирал и изведувал напади врз Израел.
Денеска израелската армија соопшти дека биле истрелани околу 40 проектили во правец на Галилеја и Голанската висорамнина, која е делумно окупирана од Израел. Многумина беа пресретнати, а други подметнаа пожар.
Сепак, официјален претставник на Хезболах подоцна изјави дека 150 ракети и 30 самоубиствени беспилотни летала биле истрелани врз 15 израелски позиции, објави катарската телевизија Ал Џезира. Како одговор, Израел изврши напади врз цели на Хезболах во Либан, објавија израелските медиуми.
За време на прес-конференцијата, портпаролот на израелската влада Дејвид Менсер предупреди дека Израел ќе одговори насилно на секоја агресија на Хезболах.
Во последниве недели, прекуграничните судири се интензивираа и Хезболах сè повеќе користи беспилотни летала за да ги нападне израелските позиции, а Израел одговори со целни напади насочени кон борците на организацијата.
Во средата, претседателот на извршниот комитет на Хезболах, Хашем Сафиедин, предупреди дека организацијата ќе ги засили своите операции.